20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОВолшебна ноќ на Кари, прва победа на Лејкерс (видео)

Волшебна ноќ на Кари, прва победа на Лејкерс (видео)

НБА вечерта му припадна на Стеф Кари и неговиот Голден Стејт, кој запиша нова победа на домашен терен, овојпат против Вашингтон (144-122).

Плејмејкерот на шампионот постигна оваа сезона рекорни 51 поен, притоа погодувајќи 11 обиди за три поени. Одличен беше и Кевин Дурант со 30, а Клеј Томпсон се надоврза со 19 поени. Гостите продолжија со лошите резултати на стартот од новата сезона, а вчерашниот пораз за нив е трет во четири одиграни натпревари.

Леброн Џејмс и официјално ја запиша првата победа како член на ЛА Лејкерс. Неговата екипа славеше на гости кај Феникс (113-131), во меч на кој што „езерџиите“ прикажаа ефикасна игра и постигнаа дури 76 поени во првото полувреме.

Торонто продолжи со доминантна игра на Истокот и стигна до скор од 5-0, најмногу благодарение на Каваи Ленард. Новото засилување кај Репторси постигна 35 поени во домашниот триумф над Минесота (112-105).

Нов блесок имаше Лука Дончиќ, кој во поразот од Атланта (111-104) беше најефикасен кај Далас со 21 поен и девет асистенции. Словенецот бележи фантатични бројки на стартот од својата кариера во НБА лигата, а се очекува уште многу да напредува во годините кои надоаѓаат.

Во дербито на Западот, Јута го изненади Хјустон и славеше гостинска победа (89-100). Рокетски беа неефикасни како никогаш досега и постигнаа мал број на поени, па не можеа да се надеваат на позитивен резултат. Спектакуларно издание имаше Донован Мичел кој со 38 поени ги предводеше „џезерите“ до втората сезонска победа.

Во останатите мечеви, Кливленд загуби од Бруклин (86-102), Мајами го победи Њујорк (110-87), Чикаго славеше над Шарлот (112-110), а Милвоки го доби источното дерби против Филаделфија (123-108).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП