28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОфицијално врачување на наградата „Антево перо“

Официјално врачување на наградата „Антево перо“

Денеска и утре во Скопје и Лазарополе ќе се одржи меѓународната културно-поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“

„Отворањето на дводневната манифестација, утврдена годинава во чест на творештвото на бардот на современата македонска поезија, академик Анте Поповски, ќе биде означено со поетско читање во спомен-собата на поетот во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров, со почеток во 19 часот. Со по една своја песна ќе се претстават 10-ина поети од земјата и странство што творат на македонски јазик, а чии стихозбирки се најдоа во пошироката конкуренција за наградата ‘Антево перо’“, соопштија организаторите.

За истата вечер е предвидено официјално претставување на наградената збирка „Кумова слама“, како и врачување на наградата „Антево перо“ на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски, понатаму предвидено е и доделување пригодни признанија на поетите придружници на наградениот автор, Марина Мијаковска и Михајло Свидерски, како и благодарници на поетите што учествуваа на годинешниот конкурс за наградата „Антево перо“, се додава во соопштението.

Вториот ден манифестацијата ќе продолжи во хотелот „Калин“, во родното село на Поповски – Лазарополе, со формирање Академија „Анте Поповски“, се додава во соопштението,во кое се наведува дека е предвидена и посета на богатата библиотека во домот на Анте Поповски, каде што во последните години од својот живот ги создаде монументалните дела „Света песна“ и „Две тишини“. За учесниците на манифестацијата, додаваат организаторите, ќе биде организирана и посета на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Лазарополе, еден од најпрепознатливите симболи на културата во мијачкиот крај, со преубав, редок и вреден иконостас, но и со доста богатата галерија на стари икони.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП