7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСупермаркетите „ги изедоа“ маалските дуќани – продажната мрежа се окрупнува

Супермаркетите „ги изедоа“ маалските дуќани – продажната мрежа се окрупнува

Се помалку маалски продавници и мали бутици, а се повеќе супер маркети и меѓународни синџири. Продажната мрежа во Македонија се окрупнува.

Во последните десетина години се одвива обратен процес од оној кој се случуваше по падот на социјализмот. Во 90-те пропаднаа големите самопослуги како „Центро“ и „Славија“. Празниот простор го пополнија малите дуќанчиња кои никнаа на секој чекор, но сега тие се речиси исчезнати откако супермаркетите повторно го земаа приматот.

Пазарните аналитичари објаснуваат дека ова е нормален процес и тренд кој се случува секаде во светот – големите синџири поради економијата на обем можат да понудат далеку пониски цени, а истовремено нудат се на едно место.

„Минимаркетите беа заменети од супермаркетите но и тие полека отстапуваат место на хипермаркетите. Овој процес е веќе завршен во развиените земји. Големите т. н. биг бокс продавници нудат се на едно место. Луѓето веќе ги менуваат навиките. Наместо секој ден да одат до продавница и да купат по нешто тоа го прават еднаш неделно и купуваат се одеднаш. Очекувам дека и во Македонија на среден рок, за 5 до 10 години, ќе почнат да се отвораат вакви хипермаркети“ објаснува Александар Атанасов, пазарен аналитичар.

И статистичките податоци покажуваат дека продажната мрежа се окрупнува. Според последните податоци објавени во „Пописот на трговијата на мало“ во Македонија во 2016-та имало 18.250 продавници, а во 2008-та над 22.000.

Според анализата во 90-те продажната мрежа се ситнела, старите „комунистички“ самопослуги и текстилни брендови пропаѓале а празниот простор го пополнувале маалските маркети и бутици. Така, во 1989 имало помалку од 10 илјади продавници во целата држава. Само 7 години подоцна, во 1996-та, нивниот број пораснал на фантастични 23 илјади.

Но, во последните 7-8 години започнува обратен процес – се повеќе супер маркети и големи капацитети, а се помалку мини маркети, трафики, маалски бутици. Паралелно со намалувањето на бројот на продажни места растела нивната просечна површина.

Пописот на ДЗС покажува дека во 2016-та во земјава имало вкупно 18.250 продавници. Од нив нешто над 5 илјади биле за прехранбени производи; од нив околу 4 илјади мини маркети, по околу 300 во категориите супер маркет и самопослуга. Во оваа бројка не влегуваат и киосците односно трафиките, вкупно само 213.

Околу 7 илјади од продажните места се за непрехранбени производи – влегуваат бутиците, аптеките, парфимериите, цвеќарниците, книжарниците, автосалоните, железариите, пет шоповите и се останато.

Во Македонија биле регистрирани само 16 аутлети и 9 second hand shop односно продавници за употребувана роба.

По региони, најмногу продажни места има во Скопје (над 4 илјади), следат Полог (над 2.700) и Пелагонија (речиси 2.600). Најмалку продавници има во Вардарскиот и Источниот регион (по нешто под 1.600).

Во Скопје најмногу продавници има во Центар (речиси 1.000), следат Карпош и Аеродром (по нешто помалку од 500): Најмалку има во Сарај (52).

И покрај очигледното раздвижување на целокупната трговска мрежа, Македонија е речиси на последното место во регионот според присуството на големите меѓународни брендови.

Единствено е пред Косово и Албанија. Додека компаниите како IKEA, LIDL, H&M, C&A се шират во соседните земји, засега нема најави за влез и кај нас. Малиот пазар, ограничената куповна моќ, но и заглавените евроинтеграции се главните причини за ваквата состојба, коментираат познавачите.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП