29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОЛШ: Возбудлив старт на новата сезона во најелитното фудбалско натпреварување

ЛШ: Возбудлив старт на новата сезона во најелитното фудбалско натпреварување

Роберто Фирмино за малку ќе останеше без око во текот на викендот, но тоа не му пречеше од клупата да биде „џокерот“ на Јирген Клоп за 3:2 победа над фаворизираните Пари-Сен Жермен во најинтересниот меч од првиот ден на новата сезона во Лигата на шампионите. Во истата група Ц, Црвена звезда првиот настап во групната фаза на ЛШ го комплетираше со реми без голови против Наполи.

Даниел Стариџ и Џејмс Милнер од пенал ги поставија домаќините во удобна позиција, пред Томас Муние да им даде надеж на „светците“, за Мбапе да стапи на сцена во финишот на мечот.

Стариџ своето враќање во првиот состав на Ливерпул го искористи во 30-тата минута, откако по додавањето на Енди Робертсон со глава го совлада Алфонс Ареола, а само шест минути подоцна Хуан Бернат го фаулираше Вајналдум и Милнер беше сигурен до белата точка. Муние во 40. минута ја искористи грешката на Робертсон за да го совлада Алисон, и кога изгледаше дека Ливерпул му зеде „скалп“ на фаворитот, Килијан Мбапе се најде на вистинското место во 86. минута.

Сепак, тука беше Роберто Фирмино, кој влезе на 20 минути пред крајот на мечот и во 92. минута го постигна победничкиот гол за „црвените“.

Во Белград пак, големото славје по враќањето на Звезда во европската елита, не беше прославено со победа, откако Наполи се покажа како цврст тим во одбраната и успеа да извлече реми без голови.

Во групата А, Борусија Дортмунд успеа да стигне до победа на гости кај Клуб Бриж благодарение на американскиот талент Кристијан Пулишиќ, кој имаше многу среќа во 85. минута од мечот, додека актуелните шампиони од Лига Европа, Атлетико Мадрид се вратија од гол негатива за 2:1 победа во Монако.

Во најнеатрактивната група Д од ЛШ, Галатасарај стартуваше со 3:0 победа над Локомотив Москва, додека Шалке и Порто одиграа 1:1.

Лигата на шампионите 2018/19 стартуваше во необичен термин во 19 часот, со „магичниот“ хет-трик на Лионел Меси за да ја најави 4:0 победата на Барселона, а на чело во групата ќе им прави друштво Интер, откако во драматичен финиш со 2:1 го совлада Тотенхем.

Барселона го пречека холандскиот гигант, ПСВ Ајндховен, и првиот гол во новата сезона го постигна стариот познаник, Лионел Меси и тоа со фантастичен слободен удар, нешто што станува специјалност на Аргентинецот во последно време.

Овој резултат беше актуелен до 75. минута, кога Усман Дембеле постигна убав гол, за само две минути подоцна Меси доби одлична топка од Иван Ракитиќ за по третпат голманот на ПСВ да ја вади топката од мрежата. Иако Барса остана со играч помалку по вториот жолт картон на Умтити, Меси го комплетираше хет-трикот во 87. минута за да најави дека Барса оваа година тргнува во трофејот во ЛШ.

Тотенхем за малку не успеаја да го „расипат“ враќањето на Интер во елитата, откако примија два гола во последните пет минути од мечот за 2:1 победа на „нераѕурите“ и прекинување на лошата низа резултати на тимот на Лучано Спалети.

Хери Кејн имаше совршена шанса во првото полувреме да го совлада Хандановиќ на голот, но не успеа. Кристијан Ериксен го постигна својот гол на помалку комичен начин во 56. минута.

Кога изгледаше дека Интер ќе се врати во ЛШ со пораз, Мауро Икарди постигна прекрасен гол од дваесетина метри во 86. минута, за во 92. минута Матијас Весино да обезбеди победа за „нераѕурите“ по еден корнер!

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1.КОЛО

ГРУПА А

Клуб Бриж – Борусија Дортмунд 0:1

Монако – Атлетико Мадрид 1:2

ГРУПА Б

Барселона – ПСВ Ајндховен 4:0

Интер – Тотенхем 2:1

ГРУПА Ц

Ливерпул – Пари Сен-Жермен 3:2

Црвена звезда – Наполи 0:0

ГРУПА Д

Галатасарај – Локомотив Москва 3:0

Шалке – Порто 1:1.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП