29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: кои професии се најбарани на пазарот на труд?

Анализа: кои професии се најбарани на пазарот на труд?

На пазарот на труд има сериозни дисбаланси – вишок на правници и економисти, недостаток на работници и продавачи.

Бизнисмените не можат да најдат работници

Многумина немаат работа, а компаниите не можат да најдат кадар. Ова е парадоксот на македонскиот пазар на труд.

„Јас никако да најдам продавачка. Последната работеше само еден месец и откако ја зема првата плата не се врати ниту се јави. Сега пак сум на почеток“, вели сопственик на бутик во трговскиот центар Буњаковец. „Нудам 15 илјади денари плата, не е многу, но толку можам да си дозволам со оглед на слабата заработка. Би била пријавена на цела сума“, вели тој.

Сличен е примерот и со сопственик на фризерски салон зад Универзалната сала.

„Јас веќе неколку месеци барам помошник – фризер, но не можам да најдам. Оние кои доаѓаат се или мрзеливи или едноставно немаат фат за оваа работа“ вели Александар Пацков, сопственик на фризерски салон.

Бизнисмените велат дека пазарот на труд има сериозни дисбаланси – вишок на правници и економисти, недостаток на работници и продавачи.

„Постои јаз меѓу она што е потреба на работниот процес и тоа што системот го произведува како кадар. Имаме разлика и недостаток на практична работа која што треба да ги подготви учениците особено во средното стручно образование за кога ќе го завршат образованието да бидат подготвени да влезат во производствените процеси“, вели Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија.

И инсистирањето да се заврши факултет односно да се добие диплома предизвикува проблеми на пазарот.

„Ние се соочуваме во ситуација кога имаме премногу кадар со високо образование. Фабриките побаруваат кадар со средно образование, а луѓето со факултет не се мотивирани да аплицираат зашто платите секако се на ниво кое соодветствува со позицијата“, објаснува Александар Милошевски од Сојузот на стопански комори.

Бизнисмените сметаат дека мерките за практиканство и обука кои досега ги организираше Агенцијата за вработување дадоа резултат но тој е ограничен, потребна е реформа на целиот систем за да се испеглаат дисбалансите на пазарот на труд.

АВРМ: 6.081 слободно место

На веб страницата на Агенцијата за вработување (АВРМ) има 6.081 слободно работно место.

Се бара секаков кадар –магационери, молери, продавачи, раководители на производство, специјалисти, комерацијалисти, возачи, обезбедувачи на лица и имот, електромонтери, специјалисти за човечки ресурси, бравари, општи амдинистратори, директори, дистрибутери, службеници за организирање патувања…

Истражувањата на Агенцијата за вработување покажуваат дека во земјава има хроничен недостиг од квалификуван кадар во одредени дејности.

Од оние со завршено високо образование се бараат: програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Од луѓето со средно или со вишо образование се бараат: комерцијалисти, техничари, медицински сестри, администратори, леари и слично.

ДЗС: 8.331 слободно работно место

Државната статистика (ДЗС) пак измерила дека во првиот квартал од годинава имало 8.331 слободно работно место. Најмногу работници се бараат во секторите преработувачка индустрија (2.423), трговија (1.828) и административни дејности (779).

Најмногу работници се бараат во скопскиот регион (4.137), а најмалку во северноисточниот (191).

Последните податоци на ДЗС за невработеноста покажуваат дека стапката во првиот квартал изнесувала 21.6% односно дека во земјава има 749.892 вработени и 206.748 невработени.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП