3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: земјоделски маки – помал род и помали цени

Анализа: земјоделски маки – помал род и помали цени

Проблеми со бостанот, со праските, со пченицата, со сливите – сезонава е тешка за најголем дел од македонските земјоделци. Зошто и покрај милионските субвенции нема раст ниту на квалитетот ниту на квантитетот?

Низа проблеми со пласманот

Производителите на сливи се жалат дека откупот е целосно колабиран – годинава родот бил богат но пласманот целосно потфрлил.

„Доколку нема заинтересирани купувачи во следните десетина дена кога треба да започне бербата сливите ќе скапат на нивите“, вели земјоделец од валандовско.

Претходно има и со праските – препродавачите нудат екстремно ниски цени.

„Не сум задоволен ниту од продажбата, ниту од цените ниту од политиката на државата. Добивам субвенции, но тие не можат да ми го решат проблемот. Потребно е државата да одреди загарантирани откупни цени“, вели производител на праски од скопско.

Бостанџиите беа на мака пред еден месец – голем дел од родот остана на нивите бидејќи како што велеа земјоделците воопшто не им се исплатеше дури ни да го берат.

И жетвата на пченицата заврши, а откупните цени не ги покриваат ни трошоците за произодство, тврдат земјоделците.

„Откупната цена се движи од 7 до 8 и пол денари, а производната цена ни е 10 денари. Од тука, планиравме и се надевавме, затоа што производната цена е поголема од откупната, како и минатите години што правевме, да побараме околу 2 денари по килограм за продадена пченица и јачмен (јачменот да не го забораваме) или тоа во просек да биде по 6000 денари по хектар, како што добивавме претходните неколку години дополнителни субвенции“, изјави Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци.

Министерството тврди дека се е под контрола

Министерство тврди дека информациите за проблеми со пласманот се неточни – за пченицата сумата која ја посочуваат земјоделците од 7 до 8.5 денари се однесувала на пченица за сточна храна, а не на лебното зрно кое достигнувало и 11 денари по килограм.

Од ресорот велат дека и за другите култури биле надминати недостатоците што се јавиле за време на откупот.

„Оваа година нема незадоволство кај земјоделците зашто 96 отсто од вкупната Програма за директна поддршка е реализирана до 30 јуни. Земјоделците ги добија парите кога им беше потребно.  Земјоделското производство во првиот квартал од годинава бележи 5,5 отсто раст, земјоделците се ослободени од персоналниот данок на доход што е дополниелна поддршка, а на 1 август ќе се објави и тендерот за картичките за зелена нафта, откако по 10 години предлагање, законот се донесе“ изјави на 26 јули министерот Љупчо Николовски.

Од министерстовто информираат и дека во постапка се измени од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2018 година односно во мерката за директни плаќања за површини со полјоделски култури, вклучително и за пченицата со кои дополнително ќе им се помогне на производителите.

Македонија со ниски приноси по хектар

Приносите по хектар варираат од сезона до сезона, пред се поради различните временски услови. Но, просекот во светски рамки има тенденција на постепен раст, а кај нас останува речиси непроменет.

Така, според најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2017-та приносот од хектар засеан со пченица бил 2.746 килограми, а во 2007-та бил 2.402 килограми. Најдобра реколта имало во 2016-та кога биле ожнеани 3.838 килограми. Ако се извади просек за изминатите десет години се доаѓа до 3.115 килограми годишен принос.

Од друга страна, според податоците на ОЕЦД, просекот на ниво на Европската Унија е 5.800 килограми по хектар. Во Србија достигнува 6.173, во Бугарија 4.819, во Албанија 4.716 и во Грција 4.145 килограми по хектар. Најдобро рангиран во светски рамки е Нов Зеланд со дури 9.000 килограми или речиси три пати повеќе од Македонија.

Светската Банка, пак, пресметала дека во изминативе 10 години просечниот принос на пченица на глобално ниво се зголемил од 3.306 на 3.966 килограми по хектар.

Ако се споредува производството на оризот и пченка разликите меѓу Македонија и светот се уште поголеми.

Субвенциите не даваат резултати

Токму Светската банка уште пред две години предложи намалување на обемот и подобрување во таргетирањето на субвенциите во земјоделието.

„Владата на Македонија води многу дарежлива програма за земјоделски субвенции која опфаќа 90% од вкупниот буџет за земјоделието кој од 130 милиони во 2013 година е зголемен на 150 милиони евра во 2015 година. Земјоделските субвнции по хектар се над европскиот просек”, стои во овој извештај на меѓународната финансиска организација.

Само за годинава за земјоделски субвенции се предвидени 101 милион евра. Од нив дури 24 милиони се директна поддршка за растителното производство. Оваа сума е горе долу иста речиси 10 години, но не даде резултат за зголемување на производството.

Токму спротивното. Податоците на ДЗС покажуваат дека има тенденција на намалување на површините засеани со житни култури. Така, во 2007-та 43.000 биле под житни култури, а во 2017-та само 39.000. Вкупната засеана површина е непроменета изминатава деценија, останува на нивото од 67.000 хектари.

Најзагрижувачки е фактот што речиси половина од земјоделските површини со години остануваат незасеани.

Скоро пола држава е под земјоделско земјиште. Од вкупната површина, 25.713 квадратни километри, 12.644 км2 или 1.264.408 хектари се земјоделска – 7.503 км2 се пасишта, 4.150км2 се ораници и бавчи, 594 км2 се ливади, 232 км2 се лозја, а 159 км2 се овоштарници. Речиси половина од ораниците и бавчите остануваат незасеани. Според пресметките на ДЗС од вкупната површина од 415.004 хектари засеани се само 276.567.

Од засеаните површини најголем дел или 58% се под жита, 19% под зеленчук, 14% под фуражни и 9% под индустриски култури.

50 милиони евра секој месец за увоз на храна

И додека половина ниви остануваат необработени Македонија троши милиони на увоз на храна.

Според последните податоци на ДЗС само во првиот квартал од годинава за увоз на храна биле потрошени 143 милиони евра што е за 6 милиони повеќе во однос на истиот период лани. Истовремено извозот на храна бил само 59 милиони евра и остварил раст од само 2 милиони.

Во првите три месеци од годинава биле потрошени дополнителни 21 милион евра за увоз на пијалаци и тутун.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП