29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБектеши: Косово ги повлече зголемените царини за овошје и зеленчук од Македонија

Бектеши: Косово ги повлече зголемените царини за овошје и зеленчук од Македонија

Косовската влада ја укина во целост одлуката за зголемените царини, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Аргументите што на петочниот состанок во Приштина му ги презентирав на мојот колега, министерот за трговија и индустрија, Бајрам Хасани, а во врска со одлуката на косовското Министерство за трговија и индустрија од 18 јули годинава, со која се воведоа царини од 30 отсто за увоз на овошје и зеленчук на 21 производ, на мое големо задоволство вродија со плод и штотуку добив информација дека мерката е укината“, соопшти министерот.

Како што информира Бектеши на прес-конференцијата, ова е уште една потврда за добрите односи меѓу двете земји. Одлуката треба да се спроведе од денес кога претходно косовските власти ќе испратат официјално писмо до своите царински служби.

„Ваквата одлука не им одговараше на нашите земјоделски производители бидејќи стануваше збор за сезонски производи на кои отпаѓа најголемиот дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар“, појасни министерот.

Тој потсети дека по писмената реакција и по најавата за состанокот во Белград, следуваше измена во одлуката од косовска страна, со која мерката остана да важи за 7 производи, и тоа домати, пиперки, јаболка, грозје, круши, сливи и малини.

Бектеши на прес-конференцијата упати благодарност до косовската страна и порача дека дијалогот е начин за решавање на проблемите, а истакна и дека Македонија е земја што иницира и поддржува меѓусоседска и регионална соработка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП