19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочнаа реконструкцијата и санацијата на Чифте амам

Почнаа реконструкцијата и санацијата на Чифте амам

Почна првата фаза од санацијата на објектот Чифте амам, еден од четирите објекти на НУ Националната галерија на Македонија (заедно со Даутпашиниот амам, „Мала станица“ и Спомен-куќата на Лазар Личеноски).

Според Лазар Шуманов, проектант на „Основен проект за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро Чифте амам во Скопје“, во оваа фаза, во рамките на одобрените средства од Министерство за култура, ќе се опфатат приоритетните проблеми од сите наведени со цел нивно долготрајно решавање.

Во оваа фаза ќе бидат изведени следните зафати:
– санација на покривот со изведба на хоризонтални и вертикални олуци за одбрана од атмосферски води;
– изведба на дренажен канал на источната страна на објектот (екстериер);
– санација на сите оштетувања од влага во ентериерот (депоа, изложбен простор), со изведба на специјална заднина со панели по должината на западниот периметрален ѕид;
– пренамена на простории во функционален изложбен простор со визуелен контакт со хипокаустот и дислокација на портирницата;
– изведба на заштитна покривна конструкција на надворешната источна страна врз огништето;
– санација на громобранската инсталација.

Сите зафати на објектот Чифте амам се одвиваат во согласност со конзерваторското одобрение за санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, воведување систем за вентилација на ентериерот, заштита од УВ-зрачење и оградување на Чифте амамот во Скопје, издадено од Управата за заштита на културното наследство.

Реконструкцијата и санацијата на овој значаен културно-историски споменик, редок споменик на исламската архитектура, кај нас е предвидено да траат два месеца, а според договорот за јавна набавка на работи од страна на набавувачот НУ Национална галерија на Македонија, изведувач е Друштвото за промет, производство, транспорт и услуги „Макаус“. Инвеститор на целиот проект е Министерството за култура.

Објектот е ставен под заштита со решение бр. 209 од 10.8.1957 година, издадено од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, и решение бр. 15 од 2.11.1967 година, издадено од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Скопје.

Амамот е граден во втората половина на 15 век како завештание на Иса-бег со површина од 1.056 квадратни метри Првпат се споменува во вакуфнамата на Исабеговата џамија во 1531 година. Тешко бил погоден со земјотресот од 1963 година, но подоцна во 2000 година амамот е обновен и ѝ е доделен на користење на Уметничката галерија Скопје во функција на мултимедијален изложбен простор.

Амамот името го добил од турскиот збор чифт (турски: çift; со значење парен, двоен) поради тоа што неговата градба спаѓа во групата двојни амами и се состои од два безмалку идентични дела со одвоени влезови за мажи и жени. Во чест на наредбодавецот за негова изградба, Иса-бег, познат е и со името Исабегов амам, а познатиот патеписец Евлија Челебија во своите записи го нарекува нов амам.

Објектот е редок пример на Балканот со голема архитектонска вредност, која денес не може да дојде до израз бидејќи амамот речиси целосно е опколен со дуќани. Тој претставува монолитна градба, а при неговата изградба особено се водело сметка за функционалното единство и надворешното обликување. Граден е во ист стил како и другите исламски градби од тоа време со користење камен, тули и малтер. Во него доминираат две големи куполи и повеќе помали кои ги засводуваат многуте соби. За разлика од другите двојни амами, машкиот и женскиот дел во Чифте амам се спојуваат во делот за капење.
По завршување на зафатот од првата фаза на санација и реконструкција на Чифте амамот, ќе пристапиме кон реализација на проектот за внатрешно и надворешно осветление на овој прекрасен и единствен по концепт галериски простор.

Во периодот на изведување на санацијата објектот Чифте амам ќе биде затворен за посета.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП