23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШто се случи со македонската средна класа?

Што се случи со македонската средна класа?

„Во Југославија сите бевме средна класа, а во Македонија сите се или богати или сиромашни“ – ова е ставот кој го делат најголем дел од граѓаните, но дали е така, каде е македонската средна класа? Владата пред избори вети дека ќе ја врати!

Што е средна класа?

Ако не сте богати, но не сте ни сиромашни тогаш сте средна класа. Ова е наједноставната дефиниција.

Средната класа ја сочинуваат луѓето кои немаат финансиски тешкотии односно имаат сопствен дом и автомобил, редовно ги плаќаат сметките, не штедат на храна, можат да си дозволат летување и зимување, школување за децата и не се презадолжени во банка.

„Не мислам дека сме средна класа. И јас и жена ми работиме во администрација. Имаме две дечиња. Платите ни стигнуваат само за да го протуркаме месецот. Кога ќе дојде време за одмор одиме во минус на картичките па потоа се раздолжуваме до Нова Година“ вели 29 годишниот Филип од Скопје.

Сепак, според дефиницијата семејството на Филип би требало да биде во средната класа – имаат нормална работа која е солидно и редовно платена, не се сопственици на фирма, немаат големи заштеди но имаат доволно за пристоен живот.

„Имам двајца студенти. Секој септември земам кредит за да платам партиципација во државна квота и потоа го враќам до јуни. Следната година пак исто“ вели 50 годишниот Милан.

Пензионерите пак се присетуваат на старите и како што велат добри времиња.

„Во Југославија сите бевме средна класа. Се одеше и на зимување и на летување и не се мислеше толку на пари. Сега ако не им помогнам на децата нема да имаат ни за чоколадо за внучињата а не пак за друго“ вели пензионерот Петар.

64% се сметаат за средна класа?

Сепак, истражувањето на Finance think покажува нешто сосема друго. Над 64% од Македонците сметаат дека се дел од средната класа кога станува збор за личната и семејната финансиска состојба.

„Објаснувачки фактор е тоа што сиромаштијата е еден помултидимензионален проблем, а не е само доходовен проблем затоа што може граѓаните доходовно не се спаѓаат во сиромашни, но доколку имаат лошо здравје ако живеат во лоши услови или сега имаме млади кои живеат во заедница и не може да се одвојат, тие себе си се сметаат за сиромашни“, објасни Благица Петрески од Finance Think при презентацијата на истражувањето.

Граѓаните кои земаат над 20.000 денари месечно сметаат дека се дел од средната класа. Скоро 45% од нив рекле дека примаат меѓу 20 и 35 илјади денари, околу 43“ меѓу 35 и 50 илјади денари а нешто над 9% над 50.000 денари. Средна класа се сметаат и 3.1% граѓани кои земаат до 20.000 денари месечно. Само 2.5% од Македонците се сметаат за богати, а во таа група си се ставаат луѓе кои заработуваат над 60.000 денари месечен приход. На спротивната страна, 33.5% Македонци се сметаат за сиромашни. Скоро 70% од нив за тоа ја обвинуваат владата, додека богатите, над 80% сметаат дека за своето богатство се заслужни сами.

Анкетата е спроведена на примерок од 1.062 испитаници во јануари и февруари годинава.

Просечната плата не значи и средна класа!

Анкетата покажува дека најголем дел од Македонците сметаат дека примањата од 20 илјади денари значат и припадност на средната класа односно дека за пристоен живот е доволна просечна плата која во април изнесувала 23.942 денари и е зголемена за 5.6% во однос на истиот месец лани.

Сепак, една просечна плата не е доволна за да се протурка еден месец, барем кога станува збор за четиричлено семејство.

Според пресметките на Сојузот на синдикати (СММ) просечната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во март (најнови податоци) била тешка 32.418 денари. Од нив дури 13.408 денари одат на храна. 10.478 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.301 денар за хигиена, 2.349 денари за превоз.

Од друга страна просечната плата за истиот месец била 23.694. Оттука буквално половина плата е потребна само за да се наполни фрижидерот!

Многумина под малкумина над просекот

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

Ова се отсликува и во таканаречениот GINI коефициент кој според последните податоци на ДЗС во Македонија изнесува 0.366.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Од земјите во регионот освен Словенија која стои фантастично добро и во светски рамки, солидно котираат и Албанија со 0.290, Србија со 0.291, Црна Гора 0.319, Хрватска 0.322, Босна 0.331, Грција 0.358.

Полошо од Македонија е рангирана единствено Бугарија со GINI коефициент од 0.374.

Секој петти Македонец е сиромашен!

Од друга податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека секој петти или 453 илјади Македонци се сиромашни. Според стапката на сиромаштија се зголемила 0.4 процентни поени за една година и достигнала 21.9% на крајот на 2016-та.

Стапката е највисока кај најмладите односно кај лицата до 17 години, изнесува 28.6%. Најниска е кај најстарите односно оние над 65 години, изнесува 14.5%.

9% од вработените, 41.1% од невработените и 7.1% од пензионерите се сиромашни.

Прагот на сиромаштија е приходи од 6.880 денари за самечки домаќинства и 14.488 денари за четиричлени семејства.

„Како сиромашни се сметаат лица, семејства и групи на лица чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат” стои во објаснувањето од ДЗС.

Владата ветува враќање на средната класа

Еден од главните адути на СДСМ во предизборието беше враќањето на средната класа.

„Со Програмата на СДСМ ќе ја вратиме средната класа во Република Македонија. Ќе се обидеме да создадеме стабилна, силна и голема средна класа во Република Македонија, уверени преку тоа дека ќе го зајакнеме животот на граѓаните“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пред парламентарните избори.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП