26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАУчењето кинески јазик - егзотика и перспектива

Учењето кинески јазик – егзотика и перспектива

„Секој ден донеси по една кошница земја и ќе изградиш цела планина“. Оваа мисла за упорноста и волјата која во 5 век п.н.е. ја кажал мудриот Конфуциј, ја потврдуваат Ана Манова и Маја Стојковска од Скопје. По само две односно четири години изучување на прилично тешкиот кинески јазик, но со многу труд и посветеност, тие стигнаа до меѓународен натпревар, и тоа токму во Кина.

Од 2 јули ќе учествуваат во финалето на светскиот натпревар „Кинески мост“ во Чангша во централна Кина и ќе престојуваат 11 дена. Тоа им го овозможи пласманот на прво и второ место на квалификацискиот натпревар во конкуренција меѓу 17 македонски кандидати, што минатиот месец, трета година по ред, го организираше Институтот „Конфуциј“ во Скопје. На „Кинески мост“ на Далечниот Исток, пак, ќе се натпреваруваат со учесници од цел свет.

И двете имаат афинитети за странски јазици и тие им се професија – Ана студирала италијански и две години го изучува кинескиот, а Маја е преведувач од англиски и германски јазик и наставата во „Конфуциј“ ја следи четири години. Курсист е во групата која од сите други најдолго го изучува кинескиот јазик во овој институт.

– За можноста да се изучува кинескиот јазик во Македонија дознав откако случајно го сретнав професорот Ли Хонгбо на Филолошкиот факултет и во тој момент сфатив дека не смеам да ја пропуштам можноста да научам повеќе за кинеската култура и јазик што дотогаш ја познавав само преку кинеските филмови и музика. Иако сум четврта година, не би рекла дека можам да зборувам течно. Изучувањето се одвива многу побавно во споредба со учењето на англискиот или германскиот јазик. Кинескиот јазик има повеќе од 50 000 карактери. Кинезите со високо образование владеат 7 000 – 8 000. За да научам некој карактер некогаш ми е потребно повеќе од сто пати да го напишам. Карактерите, нивниот изговор, читањето, граматиката – за сите овие делови треба подеднаква посветеност со редовно и дисциплинирано учење, раскажува 27-годишната Маја.

Задоволна е што од првата година има шанса јазикот да и го предаваат професори од Кина зашто тоа многу и помага но, сепак, вели, кога ќе се постигне одредено ниво, за успешно да се напредува понатаму потребно е да се биде во средина во која се зборува кинескиот јазик.

– За победата за „Кинески мост“ најмногу ме радува тоа што првпат ќе отпатувам во Кина и ќе имам повеќе можност да зборувам и да го вежбам јазикот. Откако почнав да го изучувам кинескиот најмалку размислувам колку е тешко или не е тешко. Љубопитноста е таа што ме води, запознавањето, учењето на кинескиот јазик и култура е искуство што не можам да го споредам со ниту едно друго досега. Тоа е одлично надополување на мојата професија како преведувач од германски и англиски јазик, посочува Маја. Таа е и прагматична, па додава: една петтина од вкупното население во светот зборува кинески јазик, кинеската економија е најбрзорастечка и Кина е заинтересирана за инвестирање во Македонија.

Триесетгодишната Ана Манова, пак, кинескиот јазик во „Конфуциј“ го изучува две години и изјави дека љубовта кон јазиците била првиот поттик за учење, дополнително и фасцинацијата од кинеската традиција и култура. И таа нагласува дека кинеската економија е една од најдобрите во светот со што познавањето на кинескиот јазик би можело да биде предност при вработување бидејќи во Македонија ретко кој го говори овој јазик.

– Сега можам да водам основна комуникација на кинески, за жал сè уште не го говорам течно. Карактеристично за кинескиот јазик е што не постои азбука, секој збор се претставува со еден карактер или збир од два или повеќе карактери. Потребни се повеќе години интензивно учење за да се достигне повисоко ниво на комуникација и писменост бидејќи треба да се познаваат 2000 до 3000 знаци. Секој јазик различен од мајчиниот е тешко да се научи, но потребна е силна волја и труд бидејќи паралелно се учат граматика, знаци и вокабулар, вели Ана.

Оваа година во Институтот „Конфуциј“ е отворен и центар за стандардни испити по кинески јазик (HSK), каде со полагањето на тестот ќе може да се добие реална оценка на нивното знаење и интернационален сертификат.

– HSK тестот има шест нивоа. Во моментов јас можам да ги полагам првото и второ ниво. Немам некој план, пред сè би сакала да го усовршам и да можам течно да го говорам. Секако, има многу придобивки од изучувањето на овој јазик. Поради помалата конкуренција се надевам дека ќе ми се отворат повеќе можности за вработување во иднина, наведува Ана.

Нивниот наставник по кинески Џао Џин предава на неколку различни групи и за да не се обесхрабрат во учењето на јазикот, тој ги поттикнува интересот и желбата на своите слушатели со тоа што воведува содржини за кинеската култура, уметност и историја, зашто тие многу се разликуваат од западната.

– Нам ни е јасно дека за Европејците кинескиот јазик е тежок и затоа првин се почнува со пинјин (pinyin) – латиница која се користи за транскрипција и изговор на знаците, тоа е прв чекор што го олеснува учењето. Многу е добро, зашто и да не го знаете знакот, кога одоздола е напишан пинјинот, вие може да го прочитате. Со тоа што читате паралелно, вие вежбате и го навикнувате увото на кинескиот јазик. Има разлика меѓу зборови и знаци, зашто некои зборови се комбинација од три знака, а секој знак има едно и повеќе значења. Најчесто користени знаци се 4 000. Првин се учи пинјин, па се учат посебни знаци, па зборови, комбинација на знаци во зборови и на крајот цели реченици, кажува наставникот Џао Џин.

Посочува и дека Централната управа на институтите „Конфуциј“ (Ханбан) задолжена за изучување на кинескиот јазик во странство постојано организира активности и нуди можности за студентите да бидат поттикнати и охрабрени за да продолжат да го учат. Тоа го прави преку летните кампови, така што курсистите од институтот секое лето се праќаат кај партнерскиот универзитет во Ченгду, потоа има различни стипендии, краткорочни и долгорочни, а една од активностите е и натпреварот „Кинески мост“ каде што ќе заминат Маја и Ана. Се организира од 2002 година и досега учествувале околу 700 студенти и курсисти од повеќе од 60 земји.

Покрај кинески јазик, Ана Манова учи и убаво пишување – калиграфија со уште неколку курсисти. Еднаш неделно часовите им ги држи наставникот Џанг Тингхонг, кој ни ја покажа оваа древна кинеска вештина.

Четката натопена во мастило елегантно ја допира хартијата. Секоја линија во знакот тој ја исцртува во едно движење. Важно е како се држи четката и контролата на раката која во исто време е и смирена и отсечна во потезите. Оваа уметничка дисциплина е спој на визуелното убаво, т.е. краснопис, со значењето на напишаното кое често носи порака од источната филозофија. „Го слушам дождот“ – напиша Тингхонг, објаснувајќи дека значењето е спокојство и благосостојба.

Во Кина сè уште се придава големо значење на оваа традиција и одлика на секој образован Кинез е да биде и вешт калиграф, особено ако е од областа на хуманистичките науки.

Елена Дамјаноска е вработена во Институтот „Конфуциј“, а со кинескиот се запознала во 1995 година додека студирала англиски јазик. Во Македонија тогаш, вели таа за МИА, единствено можеше да се земаат приватни часови кај професорката Чин Шијинг, која во Скопје живее од 1980-тите, и која е прва што го донела кинескиот јазик во земјава, а воедно и првиот наставник овде по тај чи чуан. Во 1998 со стипендија од кинеската влада Елена заминала во Пекинг каде што четири години студирала кинески јазик и литература на Универзитетот за странски студии, потоа уште една година специјализација за кинеска филозофија и седум години работела во кинеската престолнина. По вкупно 12-годишен престој во таа далечна земја, сега течно го зборува кинескиот јазик.

Објаснува дека на почетокот тој може да изгледа многу тежок и да обесхрабри зашто се разликува од македонскиот и воопшто од индоевропските јазици. Но фасцинантното, вели, е во тоа што иако изгледа многу комплициран, составен е од делови и ако се научи основата, потоа полесно се надградува. Составните делови т.е. линии на секој знак се пишуваат по утврден редослед и не може да се почне со кој било од нив.

– Кај западните јазици можеби полесно ќе ја совладате основата, а потоа доаѓаат потешките работи. Овде е важно само основата да се совлада. Тежок е изговорот. Кинескиот јазик има четири тона и треба време да се совладаат. Тоа е и најинтересниот дел во изучувањето на кинеското писмо. Се работи за логограми односно знаци и секој знак има значење. Иако можеби изгледаат апстрактно, има точни правила како се пишуваат и кој што значи. Во кинескиот нема интернационализми, се преведува сè. На пример, „компјутер“ е „струја“ и „мозок“ и ако ги знаете нив, само се спојуваат. Тоа е како некој вид сложувалка, раскажува Дамјаноска.

Институтите „Конфуциј“ се непрофитни образовни институции и конципирани според моделите на странските центри, како Британскиот совет, Гете-институт или Францускиот институт, но разликата е во тоа што се основаат во партнерство со локален универзитет и работат во негови рамки. „Конфуциј“ во Скопје е основан при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (лоциран е во НУБ „Св. Климент Охридски“), согласно со потпишаниот договор меѓу УКИМ и Централната управа на институтите „Конфуциј“ во соработка со Југозападниот универзитет за финансии и економија од Ченгду во Кина.

Од отворањето во 2013 година, настава по кинески јазик активно посетувале 600 слушатели. Во првата учебна 2013/2014 година имало 60 слушатели во пет групи, а во изминатата 2017/2018 година – 220 курсисти од различна возраст распоредени во 20 групи. Учат од учебници и наставни материјали за странски студенти во издание на Ханбан. Најмалите слушатели имаат пет години и часовите ги посетуваат во викенди.

Некои од курсистите заминуваат во Кина. Тие се два вида, вели Дамјаноска – едните се лингвисти кои студирале јазик и некои од нив на факултетот се запознале со кинескиот јазик, а потоа добиле стипендија и отишле во Кина за да завршат втор и трет циклус, но има и млади студенти по економија или од друга област кои, вели, во учењето на кинескиот јазик гледаат перспектива и уште една вештина што ќе им донесе подобра работа, најверојатно поради брзиот економски раст и значењето на Кина во светот.

– Имаме двајца наши курсисти кои со наши стипендии заминаа да студираат, едниот на прв циклус, а другата курсистка веќе го заврши вториот циклус и сега се запишува на трет циклус студии по економија, бидејќи наш партнер во основањето на Институтот „Конфуциј“ е Југозападниот универзитет за финансии и економија. Имаме и возрасни курсисти од компании кои го учат јазикот со намера да најдат подобра работа или за бизнис ако често поради работа патуваат во Кина. Имаме и курсеви за кинески јазик за административни службеници во неколку министерства и државни институции, изјави Дамјаноска.

Во април во „Конфуциј“ беше отворен и акредитиран центар за HSK и од следниот семестар ќе почне да се спроведува овој испит – тест за одредување на нивото на познавање на кинескиот јазик. Сличен како тестовите за странски јазици, пр. TOEFL , признат е насекаде во светот и е најдобра верификација колкаво е познавањето на кинескиот јазик. Стандардизираниот тест HSK на кандидатот се праќа во централата на „Конфуциј“ во Кина, таму се оценува и резултатите се враќаат во институтот во матичната земја. Првата група курсисти во „Конфуциј“ во Скопје (од ноември 2013) досега се стигнати на средно ниво.

Предавањата се одржуваат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Уписите за настава по кинески јазик за 2018/2019 ќе бидат во август и на почетокот на септември.

Хатка Смаиловиќ

фото: Фросина Насковиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП