Tрадиционално, на почетокот на летото, од денеска па сè до 1 септември, во книжарницата „Или-или“ ќе се случуваат „Летните приказни“, и тоа десетти јубилеен пат.
Во овие осумдесетина дена љубителите на добрата книга ќе имаат можност да ги купат изданијата на издавачките куќи „Бегемот“ и „Или-или“ со намалени цени од 20 до 70 отсто како прва нивна заедничка соработка од ваков вид и отворање книжевен мост кон почитувачите на квалитетната литература.
Меѓу понудените 200 наслови секој од читателите ќе може да пронајде нешто за себе, од нобеловци и наградени европски и светски автори, па сè до книгите на новата генерација македонски писатели и со тоа да ја збогати својата домашна библиотека со возбудливи книжевни остварувања. Во рамките на „Летните приказни“ ќе бидат промовирани и неколку нови изданија.