19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОМЗТ Скопје и следната сезона ќе настапува во АБА, но во АБА2...

МЗТ Скопје и следната сезона ќе настапува во АБА, но во АБА2 лига

Актуелниот македонски кошаркарски вицешампион, екипата на МЗТ Скопје, и следната сезона ќе биде дел од јадранската конкуренција, откако денеска и официјално го потврди настапот во АБА2-лигата.

За аеродромци ова ќе биде седма години во која ќе бидат дел од најдобрите екипи од просторот на поранешна СФР Југославија, а прва во која ќе се натпреваруваат во второто по ранг натпреварување. Причина за ова е последното место во АБА во минатото првенство. Без разлика што ќе игра во АБА2, македонскиот тим против себе ќе има силни противници со историја и традиција како поранешните европски шампион Сплит и Босна.

„Ова за нас ќе биде ново искуство со оглед што досега бевме дел од најсилната конкуренција во ова натпреварување, но тоа нема да го намали ентузијазмот и желбата за надигрување на сите во таборот на нашиот клуб. И во следната сезона против себе ќе имаме реномирани екипи, меѓу кои ќе бидат и поранешни европски прваци што сигурно ќе бидат дуели примамливи за гледање како за нашите навивачи и симпатизери така и за неутрални спортски вљубеници кај нас. Средбите во АБА2-лигата воедно ќе бидат и шанса за стекнување искуство на помладите македонски кошаркари во нашиот тим, кои се надеваме дека ќе ги имаме во солиден број во следната сезона. Амбициите, секако, ќе ни бидат еднакви на реномето кое МЗТ Скопје Аеродром го ужива на просторот на поранешна СФРЈ“, велат од тимот од „Јане Сандански“.

Покана за настап во АБА2-лигата од Македонија има уште и Работнички, чија управа има рок најдоцна до 15 јуни да се изнесе дали ја прифаќа поканата. Центарци и лани имаа можност да играат во ова натпреварување, но не ја прифатија оваа можност. Покрај најдобрите две македонски екипи, покана да бидат дел од второто издание на АБА2-лигата добија Приморска, Рогашка (Словенија), Сплит, Шибеник (Хрватска), Зрињски, Босна (БиХ), Динамик, Борац Чачак (Србија), Ловќен и Сутјеска (Црна Гора).

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП