18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМладите бегаат од занаетите, а рачната работа нуди добра заработка

Младите бегаат од занаетите, а рачната работа нуди добра заработка

Со рачна изработка може да се има и добра заработка, но треба да се одбере профитабилна професија… Сепак, младите во Македонија во најголем дел го избегнуваат занаетчиството и се водат од девизата „барам работа за да не ја најдам“. Новата стратегија за образование предвидува реформи и во средните стручни училишта.

„Барам работа за да не ја најдам“

Монтажер на клима уреди и соларни панели е релативно ново занимање за кое има голема побарувачка на пазарот на труд. И постарите професии како автомеханичарите, сервисерите на бела техника, фризерите се добро платени.

Оние кои се одлучиле за некој од овие бизниси велат дека се задоволни од постигнатото – има доволно работа, па дури има и проблем да се најдат добри и вредни работници.

„Јас веќе неколку месеци барам помошник – фризер, но не можам да најдам. Оние кои доаѓаат се или мрзеливи или едноставно немаат фат за оваа работа“, вели Александар Пацков, сопственик на фризерски салон во Скопје.

На слични маки е и Марија Петровска која има козметички салон. Таа вели дека има две помошнички, но дека била вистинска голгота дури ги најде.

„Повеќето млади како да се водат од девизата ‘барам работа за да не ја најдам’. На интервју сите велат дека се подготвени, дека се обучени, а во пракса се покажува дека или не знаат или не сакаат да го прават она за што треба да ги платам“, објаснува Марија.

Образовниот систем неприлагоден на пазарот на труд

Токму ова е најголемиот проблем – образовниот систем не е прилагоден на потребите на пазарот на труд. Најголем дел од младите не ни сакаат да се запишат во средните стручни училишта, а оние кои ќе се одлучат на тоа, тоа го прават зашто немаат друг избор.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, вели козметичарката Марија Петровска.

Владата веќе работи на Сеопфатната стратегија за образованието 2018 – 2025 која има посебен дел посветен токму на средното стручно образование.

„Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила, системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис – секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна“, се наведува во документот.

Стратегијата има четири приоритети за стручните училишта: усогласување на стручното образование и обука со потребите на пазарот на трудот, подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, зголемување на опфатот во стручното образование и обука, подобрување на капацитетите на човечките ресурси.

Во моментов средните училишта ги нудат следниве струки: автотехничка, економска, електротехничка, геолошко – рударска, градежно – геодетска, графичка, хемиско – технолошка, лични услуги, машинска, сообраќајна, шумарско – дрвопреработувачка, техничар за дизајн, текстилно – кожарска, угостителско – туристичка, здравствена, земјоделско – ветеринарна.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП