20 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОФенербахче ќе ја брани титулата во дуелот со Реал Мадрид

Фенербахче ќе ја брани титулата во дуелот со Реал Мадрид

Реал Мадрид и Фенербахче ќе се судрат во супер-финалето на Евролигата, откако „кралскиот клуб“ по лошиот старт на полуфиналето против ЦСКА Москва, се созеде за 92:83 победа над рускиот тим, додека бранителот на титулата славеше над Жалгирис со 76:67.

Иако потешко од очекувањата, Фенербахче со 76:67 го совлада Жалгирис за да се пласира во финалето на Евролигата по првото полуфинале во Белград.

Актуелниот шампион на Европа, под водство на српскиот тренер Жељко Обрадовиќ ја прекина сезоната од соништата на тимот на Шарунас Јасикевичус, откако Жалгирис во поголемиот дел од мечот се „држеше“ добро.

Фенербахче, со огромна поддршка од трибините, започна одлично и ја доби првата четвртина со 19:13, за да биде уште подобар во втората четвртина и да има предност од 12 поени, пред литванскиот клуб да се врати на 39:33 на полувремето.

Дека Жалгирис не е случајно на Фајнал фор покажа во третата четвртина, за да дојде на само два поени разлика (52:50), но под водство на Боби Диксон и неговите 10 поени, турскиот клуб славеше победа за второ финале во низа.

Диксон, или Мухамед Али имаше 19 поени, а Луиџи Датоне 16, додека кај Жалгирис, Кевин Пангос имаше 16 поени.

ЦСКА во Белград пристигна со големи амбиции во 15-тиот настап на Фајнал фор во последните 16 години и со обид да ја вратат титулата во Москва по една година. Меѓутоа, Реал Мадрид, предводен од феноменот Лука Дончиќ имаше фантастичен втор дел од сезоната и сега ќе брка јубилејна 10. европска титула.

Почетокот не беше најдобар за „Лос бланкос“, откако ЦСКА успеа да направи 10 поени разлика по првата четвртина (20:30), но до крајот на полувремето Реал беше во водство само со половина кош разлика (47:46). Клучна за победата на шпанскиот клуб беше третата четвртина, која ја добија со 16:10, предност која не ја пропуштија до финишот на натпреварот.

Словенецот Дончиќ, кој уште не одлучил дали ќе оди во НБА, уште еднаш блесна со 16 постигнати поени за Мадрид, исто колку и поранешниот МВП на Евролигата, Рамон Љуљ. За „Армејците“, Нандо де Коло уфрли 20 поени, додека по 16. имаа Клајбурн и Хајнс.

Големото финале во Белград на програмата е во недела во 20.30 часот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП