Португалската полиција уапси неколку официјални лица на фудбалскиот клуб Спортинг Лисабон поради корупција, откако навивачите на клубот лути влегоа на тренинг-терените на клубот и ги нападнаа играчите.
Според „Ројтерс“, полицијата истражува „активна корупција во спортот“, а операцијата има кодно име „Кешбол“, а иако не го именува Спортинг како клуб под истрага, локалните медиуми објавија фотографии од полицијата на стадионот „Алваладе“ во Лисабон и додадоа дека има сомнежи за местење на мечеви во ракометот и во фудбалот со нудење на пари на судиите и играчите.
Андре Жералдес, еден од клучните соработници на претседателот на Спортинг, Бруно де Карваљо е меѓу уапсените, кои достигнаа бројка од 21.
Фановите на Спортинг беа лути поради неуспехот да се квалификуваат за Лигата на шампионите и неколку фудбалери и членови на тимот, вклучувајќи го холандскиот интернационалец Баст Дост беа повредени во нападот.
Спортинг, каде што игра и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, оваа година е мета на неколку скандали. По еден меч од ЛШ, претседателот Карваљо суспендираше 19 членови на првиот тим поради лоши перформанси.
Се јави и претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса, кој побара целосно разјаснување на сите скандали во фудбалот, посебно пред Светското првенство во Русија.