Младинскиот културен центар (МКЦ) распишa повик за избор на 20 авторски цртежи што ќе се реализираат во рамките на проектот „Градот убав“, односно на првата галерија на отворено во Скопје, посветена на уличната уметност и графити-културата.
Повикот објавен на интернет-стрнцата на МКЦ е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити-уметноста.
„Целта на оваа интервенција е да им се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор“, велат од МКЦ.
Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни 2018 година ќе се случи официјалното отворање на галеријата. Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, а организатори се Младинскиот културен центар, Град Скопје и Градскиот трговски центар. Проектот е дел од програмата CreArt (Network of Cities for Artistic Creation).