23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија или Југославија - каде и кога имало подобар живот?

Македонија или Југославија – каде и кога имало подобар живот?

Македонија била најсиромашната од шесте републики уште во рамки на Југославија. Речиси 27 години подоцна разликата во приходите и условите за живот останува скоро иста – Словенците и Хрватите се најбогати.

Како би изгледала Југославија во 2018-та?

За да се добие претстава за ова треба да се соберат статистичките податоци од сите сегашни независни држави. Сепак, ова би била само приближна слика бидејќи доколку опстоеше заедничката држава економските перформанси но и социјалните трендови секако ќе беа поинакви.

Југославија во 2018-та би имала шест или седум држави, се зависи од бројот на земји кои го признале Косово.

Југославија би имала над 20 милиони жители, со што автоматски би била меѓу десетте најголеми држави во Европа, односно би била на осмото место.

Според етничката припадност, Југославија би била составена од 35% Срби, 20% Хрвати, 11% Албанци, 9% Бошњаци, 8% Словенци, 6% Македонци, 1% Црногорци и 10% останати.

Бруто националниот доход би изнесувал 191 милијарда долари со што Југославија би била на 53 место во светот.

Пет најголеми градови би биле Белград, Загреб, Сараево, Љубљана и Скопје.

Како изгледаше Југославија во 1991-та?

Југославија беше регионална индустриска сила. Во првите две децении по Втората светска војна просечниот годишен економски раст изнесувал 6.1%, но проблемите почнуваат многу пред распадот.

За време на нафтената криза во седумдесеттите надворешниот долг драстично се зголемил, па во почетокот на осумдесеттите надминал 20 милијарди долари.

Пред распадот беше воведен т. н. шок третман односно строги мерки за штедење. Беа воведени ограничувања на користењето гориво (40 литри месечно по автомобил), ограничување на користењето автомобили (систем пар – непар), тешки ограничувања на увозот на стока, имаше и рестрикции во напојувањето со електрична енергија. Се појави недостаток на основни артикли како кафе, чоколади, детергенти.

Сето ова беше само вовед во она што следуваше по распадот – граѓански војни на половина од територијата на некогашната просперитетна држава.

1991 како 2018 – Словенија најбогата, Македонија и Косово најсиромашни

Пред распадот на заедничката држава најголем Бруто – домашен производ по глава на жител имала Љубљана (160% над југословенскиот просек), следи Загреб (88% над југословенскиот просек), па Белград (47% над југословенскиот просек), Сараево (33% над југословенскиот просек). Под државниот просек биле Скопје (10% помалку), Титоград односно Подгорица (13% помалку) и на последното место била Приштина (30% помалку).

Пред распадот просечната стапка на невработеност на ниво на Југославија била 16%. Најниска била во Словенија, 4.8%; а највисока на Косово, 38.4%. Во Македонија била 22.9%.

Речиси триесет години подоцна Македонија има стапка од 22.1%, Косово од 35%, Босна од 40%. Во Словенија изнесува 11%, во Хрватска 13%, Србија 17%, Црна Гора 17%.

Сличен бил соодносот и на платите – најмногу заработувале Словенците, а најмалку Македонците и Црногорците.

Разликата е иста и по три децении – највисока просечна плата на просторите на Југославија има во Словенија (нешто над 1.000 евра), следи Хрватска (околу 750 евра), Црна Гора (околу 500 евра), Босна (430 евра), Македонија (370 евра), Србија (330 евра), Косово (300 евра).

Што добивме а што загубивме со независноста?

По одржувањето на референдумот за независност, на 8-ми септември 1991, новата држава Република Македонија веднаш се соочи со сериозни политички и економски проблеми.

Стопанството беше во шок – преку ноќ се изгуби заедничкиот пазар од 23 милиони жители, беше напуштен принципот договорна економија и започна процесот на приватизација.

Речиси веднаш земјата се соочи со блокади и од Југ и од Север. Грција воведе ембарго поради наметнатиот спор за името, а Србија беше под санкции од ООН поради војните, ваквите мерки мораше да ги почитува и Македонија со што во суштина беше отсечена главната трговска оска по Коридорот 10.

Губењето на заедничкиот пазар беше дополнителен удар, македонските како и сите југословенски претпријатија беа суштински поврзани – конечниот производ најчесто беше резултат на составни делови направени во повеќе републики, па сега ваквиот синџир беше прекинат.

Претпријатијата се најдоа во ситуација да бараат нови пазари за пласман на своите производи и услуги, бидејќи македонскиот пазар со два милиони жители не можеше да го апсорбира нивниот производствен или трговски потенцијал.

Независна Македонија – деценија во голем минус, деценија во мал плус

Македонија излезе од Југославија како најмалку развиена република. Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

„Просечната нето – плата по вработен во 1993 година изнесуваше 3.782 денари, додека во 2015 година изнесуваше 21.906 денари. Во периодот 1993-2015 година се забележува номинално зголемување на просечната нето – плата од 479 проценти и реален пораст од 455“ се наведува во публикацијата.

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 24% во вториот квартал од оваа година. Стапката на невработеност секако е обратно пропорционална на стапката на вработеност иако има помали варијации поради иселувањето и пензионирањето како резултат на стареењето на населението.

„Во периодот 1997 – 2015 година, стапката на вработеност за лицата на возраст од 15 до 64 години бележи мали промени од година во година, во насока на пораст или опаѓање. Најниска стапка на вработеност е забележана во 2004 година, по што, почнувајќи од 2005 година, стапката на вработеност е во континуиран пораст и во 2015 година достигна 47.8%“ се наведува во публикацијата.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза.

Во изминатите 25 години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

Сепак, и во 2015-та Македонија била речиси исто далеку од Европската Унија колку во 1991-та ако се спореди БДП по глава на жител.

„Нивото на бруто – домашниот производ на Република Македонија, по жител, изразен во волуменски индекси на БДП по глава на жител, во 2005 година беше 70% под просекот на Европската Унија, а во 2015 година е 63% под просекот на Европската Унија“ се наведува во извештајот.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП