Тимот на „Види вака“ ја доби наградата „Гласник на невидливите“ за документарниот филм „Собирачи“. Оваа награда е благодарност за новинарите што пишуваат за социјални теми, поврзани со сиромаштијата и социјалната исклученост давајќи им глас на луѓето што ретко имаат можност јавно да зборуваат за проблемите и се речиси општествено невидливи.
Наградата се организира првпат од страна на Македонската платформа против сиромаштија и е дел од проектот Journalism-prize goes international, инициран од Австриската платформа против сиромаштијата, а финансиран од Фондацијата ЕРСТЕ и Европската мрежа против сиромаштија.
Краткиот документарен филм „Собирачи“ ја следи животната приказна на Мифтар Себин од Скопје. Тој има 23 години и со своја количка собира пластика за да ги прехрани трите деца. Филмот прикажува како рециклирањето во Македонија се одвива врз грбот на неформалните собирачи на отпад, а другиот дел го работи бизнис-секторот кој со тие суровини прави бизнис. „Види вака“ е медиум за дигиталната генерација и луѓето што се во постојано движење.