6 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЕвгенија Теодосиевска нов директор на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Евгенија Теодосиевска нов директор на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Филмската критичарка и новинарка Евгенија Теодосиевска е избрана за нов директор на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Изборот е направен на денешното годишно собрание на Друштвото на филмските работници по пат на мнозинско изгласување од членството на филмските професионалци. Освен Теодосиевска, за прв човек на фестивалот се кандидирала и продуцентката Лабина Митевска.

Освен директор на фестивалот „Браќа Манаки“, филмаџиите го избраа и режисерот Игор Иванов – Изи за нов претседател на ДФРМ.

Теодосиевска е долгогодишен истакнат филмски критичар и новинар во областа на визулените медиуми. Со фестивалот „Браќа Манаки“ соработува од 2008 година како селектор на програмата за документарен филм, а во минатите две години беше и негов уметнички директор.

Вели дека е почестена од довербата што ја добила од филмската фела и ветува успешно фестивалско издание.

„Благодарна сум за честа и довербата што ги добив од филмските професионалци. Сметам дека фестивалот ‘Браќа Манаки’ е многу значаен за поддршка на македонската кинематографија и дека е едно од најважните култирни случувања кај нас. Искуството и знањето што сум ги стекнала во долгогодишната работа во филмската дејност и како новинар и како критичар и соработник на многи европски фестивали ќе ги вложам за подготовка на уште едно фестивалско издание со кое сите ќе се гордееме“, ни рече Теодосиевска.

Со фестивалот во минативе две години раководеше Благоја Куновски – Доре, а на чело на ДФРМ беше продуцентот Роберт Насков.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП