25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Жена ми се вика Борис“ – едно чудо лаги, интриги, либидо и...

„Жена ми се вика Борис“ – едно чудо лаги, интриги, либидо и многу адреналин

Ако ви треба едно и полчасовна комична театарска сеанса во која ем ќе стопите калории со смеење, ем ќе влезете во скокотливиот свет на интригите, „Жена ми се вика Борис“ на Театар Комедија е одличен еликсир за вечерна оддишка.

Насловот е леплив не само за очи туку и целокупната театарска естетика, која е ненападна, секојдневна, вообичаена, збрлавена, будалеста, проследена секако со по некоја пцост, ласцивен муабет…

„Жена ми се вика Борис“ е театарско огледало за љубовен триаголник… Не. За љубовен четириаголник. Или петтоаголник. Како милувате. Но, тоа е плексус од заплети, каков што веројатно не можат да осмислат ни најдобрите сценаристи на сапуници, кои занаетичиски штанцаат по 10-ина сценарија во еден месец.

Веќе докажаниот режисер, Синиша Евтимов, со „Стјуардеси“ и „Вардарски пастуви“, направил одличен кастинг на актери. Сашо Ристовски и Роберт Ристов може да ги видите во ролји кои, како што дошепнуваше публиката, им будат асоцијации на култниот „Женски оркестар“. Почнуваат како мажи, а завршуваат во светкави женски костими, перики и многу шминка. Нивната слобода на сцената е визуелно доживување што треба да се изгледа и повеќе од еднаш. Дел од екипата се младите Мими Поповска – Ристов, Александар Михајловски, Жаклина Петровска, Столе Мицов, Ева Скендеровска.

Виничкиот акцент и карактерот на Столе Мицов е приказна која публиката ја остави во смеа до солзи. „Жена ми се вика Борис“ од декември се покажа како одличен магнет за публика. Станува збор за фарса, која е дело на современиот француски комедиограф Рафи Шарт. За критиката, Шарт е познат по своите одлични заплети. За многумина е најверодостоен следбеник на Жорж Фејдо. Приказната е за двајца сопружници Алек и Марија Топкареви, кои се обидуваат да го продадат станот каде што живеат… Сценографијата е на Орхан Ќамилов, костимограф е Александар Ношпал, инспициент е Ниријамет Рушити и суфлерка е Сања Стојковска.

„Жена ми се вика Борис“ е сетилно уживање што се гледа повеќе од еднаш.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП