28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОХуманитарен велеслалом во Маврово за децата кои живеат во сиромаштија

Хуманитарен велеслалом во Маврово за децата кои живеат во сиромаштија

Шеснаесетта година по ред во Ски-центар Маврово се одржува аматерскиот велеслалом кој традиционално е настан со хуманитарен карактер. Оваа година собраните средства во вредност од 10 илјади евра беа донирани на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“ со цел помагање и унапредување на животниот стил, едукацијата, забавата и здрави животни навики кај оние категории граѓани на кои тоа им е отежнато од различни причини.

„Како пријатели на среќата, 54 екипи скијаа за среќата на општеството и оние на кои таа им е најпотребна, скијаа за среќата на децата во 2018 година. На настанот беа присутни над 150 учесници и уште толку посетители кои ги бодреа своите тимови, што за нас претставува мотив за продолжување на традицијата и неуморно креирање интерес за хуманоста и остварување многу хумани цели“, вели Петар Младенов, маркетинг-директор на Ски-центар Маврово.

Годинава настанот привлече 54 тима од најголемите компании во Македонија, кои се натпреваруваа во неколку категории мажи, жени, борд и спортски забавни игри на снег.

„Традиционално средствата од котизацијата на тимовите Ски-центар Маврово ги донира во хумани цели. Годинава добитник на средствата е нашето здружение ‘Проект среќа’. Бескрајно сме благодарни на укажаната доверба, и ги уверуваме дека средствата ќе стигнат на вистинско место. Сите добиени средства нашето здружение ќе ги намени за летниот камп Шарено лето 2018, наменет за деца кои живеат во сиромаштија. Минатата година на овој камп учествуваа 40 деца, а годинава ќе учествуваат 120 деца од цела Македонија. Им благодариме на сите поединци и компании кои ни даваат поддршка бидејќи без нив нашата мисија би била невозможна“ – велат од здружението „Проект среќа“.

Првиот аматерски хуманитарен натпревар во велеслалом се одржа во 2003 година. Натпреварот се одржа на „Галички“ во дисциплините паралелен велеслалом и велеслалом. Бројот на тимови изнесуваше 35 со повеќе од 100 учесници. Ски-центарот ќе продолжи овој настан да го одржува традиционално со цел да изнуди многу насмевки и среќа кај оние на кои навистина им треба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП