10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо непријавени плати и промет се соочуваат земјите од Југоисточна Европа

Со непријавени плати и промет се соочуваат земјите од Југоисточна Европа

Земјите од Југоисточна Европа се соочуваат со слични проблеми, како што се непријавени плати и промет, што доведува до релативно високи индекси на скриени економии, беше заклучено на денешниот Регионален форум за скриена економија во Скопје. На форумот беше сугерирано и комбинирање на репресивните со стимулативни мерки со кои работодавачите ќе бидат охрабрени да ги пријават нивните вработени со полниот износ на платите.

Настанот имаше за цел да ги собере истражувачите и креаторите на политиките од регионот и да дискутираат за најновите трендови во мерењето на скриената економија и трансформирање на наодите во можни политики. Истовремено, беше претставена најновата компаративна студија за следење на скриена економија во која се анализира ширењето и трендовите на скриените економски активности во Македонија, Албанија и Косово.

Настанот го отвори директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска која посочи дека инспекциите секојдневно се на терен, граѓаните постојано пријавуваат неправилности, но сепак и натаму се бележи неиздавање фискални сметки и незаконско работење на претпријатија кои особено добро котираат во стопанската заедница. Порача дека мерките наведени во студијата ќе бидат сериозни разгледани, а управата ќе ги засили инспекциите. Инспекциите ќе бидат особено засилени за време на големите забавни манифестации и во хотелскиот сектор.

Главната истражувачка, Ана Мицковска Ралева порача дека споредено со 2014 година, РМ стагнира на индексот за скриена економија со вредност 3.4, но споредено со другите земји земјава стои подобро имајќи предвид дека за Косово тој изнесува 7, а за Албанија 4. Порача дека мора повеќе да се работи на свеста и кај граѓаните и во стопанството за тоа дека редовното плаќање на даноци всушност значи и поквалитетен живот за сите.

На настанот се обрати и еден од најпознатите стручњаци на оваа тема, Јосип Фрањиќ кој рече дека хрватските искуства покажуваат дека по влезот на Хрватска во ЕУ, главен проблем и натаму останува недовербата помеѓу хрватските граѓани дека плаќањето данок не значи и дека собраните средства наменски и во целост ќе се потрошат за потребите на државата и граѓаните.

На форумот беа споделени и искуствата од Косово и Албанија за тоа како нивните институции се справуваат со даночното затајување.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП