Издавачката куќа „Мултипринт“ од Софија неодамна го објави романот за деца „Четириножните рицари“ на македонскиот писател Киро Донев, во превод на бугарски јазик на Тања Попова, а со илустрации на Миле Топуз.
„Четириножните рицари“ првпат на македонски јазик е објавен во 1993 година во издание на „Детска радост“.
Освен оваа книга, на бугарски јазик се преведени и објавени уште неколку книги на Киро Донев: „Збркана сказна“, „Приказни за годишните времиња“ и „Весел ЗОО-парк“, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, преку конкурсот за превод на дела од македонски автори на странски јазици.
Инаку, Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред сè, прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитани македонски автори за децата од помала возраст. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.