23 април, 2025
ПочетнаКОМПАНИИВР ќе претрпи еднократна загуба од 1,5 милијарди долари поради даночната реформа...

ВР ќе претрпи еднократна загуба од 1,5 милијарди долари поради даночната реформа во САД

Британскиот нафтен гигант „ВР“ соопшти дека очекува да претрпи еднократна загуба од 1,5 милијарди долари поради даночната реформа на американскиот претседател Доналд Трамп.

Намалувањето на корпоративниот данок во САД до 21% бара проценка на одложените американски даночни средства и обврски на „ВР“, објави компанијата во соопштението, цитирано од агенциите.

„ВР“ прецизира дека очекуваната последица од реформата ќе биде еднократна, во вредност од околу 1,5 милијарди долари и ќе влијае на резултатите за четвртиот квартал од 2017-та година.

Нафтениот гигант, сепак, забележува дека на долг рок профитот ќе биде позитивно погоден од американските даночни промени.

„ВР“ планира да ги претстави своите резултати за четвртиот квартал на 6-ти февруари.

Трамп потпиша нацрт-закон за големи промени во даночниот законик на САД, што беше негова прва голема мерка откако ја презеде функцијата пред една година. Се очекува мерката да ги зголеми корпоративните профити на банките и други компании на среднорочен и долгорочен план, бидејќи се намалува данокот на добивка до 21 отсто од 35 проценти.

Сепак, неколку големи компании објавија дека законот ќе резултира со краткорочни загуби во добивката што се враќа од странство. Реформата предвидува оданочување на овие профити со 15,5 отсто кај средствата во готово и 8 проценти кај недвижностите и другите неликвидни средства.

Други големи компании, кои исто така дадоа сигнал за такви еднократни загуби во четвртиот квартал, се британско-холандската нафтена-гасна компанија „Royal Dutch Shell“, како и банките „Barclays“ и „Сredit Suisse“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП