28 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОАвтомобилистот Давидовски тргнува во светски поход

Автомобилистот Давидовски тргнува во светски поход

Македонскиот автомобилист Виктор Давидовски по 20 сезони извозени во македонскиот и српскиот шампионат, во 2018 година ќе настапува во светскиот TCR-шампионат.

Давидовски првата своја трка ја имаше во 1998 година и до 2010 настапуваше во шампионатите на Македонија на кружни и ридски патеки, а потоа започнува да настапува во шампионатот на Србија на кружни патеки во најмногубројната класа хибрид.

Годинава тој доминантно ја освои титулата и стигна до својот 10-ти шампионски пехар во кариерата.

„По толку многу години поминати на балканските патеки, дојде време Македонија да ја претставиме на светско ниво. Полека, но сигурно, се подготвуваме за следната сезона, автомобилот е уплатен, ќе имаме на располагање еден од првите 25 автомобили од најновата генерација на Honda Civic Type R TCR, изјави Давидовски.

Изминатиот викенд тој настапи со Seat Leon TCR V2 DSG на трка на издржливост во траење од 12 часа, која се одржа на легендарната Ф1-патека – СПА Франкоршамп во рамките на 24h TCE Serie.

„Зацртавме цел, дојдовме и ја постигнавме. Јас не дојдов овде да бркам пласман бидејќи првпат седнувам во автомобил со овие спецификации, единствена цел беше тренинг и тест. Извозев над 600 тркачки километри, а тоа е многу повеќе отколку што целиот шампионат што го возев во Србија годинава. Започнав да го искусувам автомобилот, патеката, начинот на работа на тимовите и сериозноста на овие натпреварувања. Цел викенд беше врнежлив и се возеше во многу тешки услови, така што не успеавме да тестираме на сува подлога. И крајно професионални тимови имаа огромни проблеми со кои се справуваа за разлика од аматерскиот тим во кој го изнајмивме седиштето и бев еден од тројцата натпреварувачи. По сѐ што видовме досега за да одиме во светскиот TCR-шампионат в година, треба да склопиме перфектно организиран и сериозен тим и затоа моментно сме концентрирани на тоа поле“, дополни Давидовски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП