25 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОТодоров: Да бидеме меѓу првите осум во АБА лигата

Тодоров: Да бидеме меѓу првите осум во АБА лигата

Македонскиот шампион МЗТ одржа прес-конференција со која го најави почетокот на новата сезона и го претстави тимот чија цел ќе бидат двете домашни титули и пласман меѓу првите осум во АБА лигата. Новата сезона МЗТ ќе ја започне в петок против белградски Партизан, во АБА лигата.

Со целосно изменет состав, нов тренер и намален буџет, МЗТ тргнува во новата сезона, која за македонскиот шампион ќе биде специфична бидејќи од самиот почеток покрај во АБА лигата ќе игра и во домашното првенство, што не беше случај во претходните сезони.

„Тоа што нема да ги имам истите услови кои ги имаа претходните тренери го прави предизвикот уште поголем. Исто така не секогаш буџетот има пресудна улога во резултатите. Сакаме да покажеме дека и со овој тим, во кој има четворица странци, од кои еден е со краткорочен договор, можеме да постигнеме резултат во Јадранската лига подобар од минатите години“, рече тренерот Александар Тодоров.

МЗТ во составот има осум репрезентативци, односно играчи кои беа на поширокиот список на селекторот Давитков за претквалификацискиот циклус, што според тренерот е показател дека клубот добро работел во преодниот рок.

„За да можеме со ваков буџет да најдеме и да вклопиме странски играчи, поминав десет дена во САД. Двајца лично ги гледав таму, а со еден од нив и работев во САД. Даниел Џенсен го избравме од понудите на менаџерите, значи играч кого не го гледавме пред да дојде кај нас. Другите беа наш избор“.

Повратникот на тренерската позиција смета дека овој состав може да избори пласман меѓу најдобрите осум во АБА лигата, што би му овозможило настап на наредниот Суперкуп во регионалната конкуренција.

„Јас би сакал да го видиме овој тим на следниот Суперкуп во Бар, значи да биде меѓу првите осум. Мислам дека оваа е некоја достижна цел“, рече Тодоров.

МЗТ првиот натпревар во новата сезона ќе го одигра в петок кога во Скопје од 20 часот ќе гостува Партизан.

Тодоров очекува дека на премиерата во салата „Јане Сандански“ ќе биде присутна и навивачката група „Фемили Аеродром“ ,која подолг период ги бојкотира натпреварите на клубот.

„Јас би сакал тие да се тука. Особено што првиот дуел е со Партизан, кој традиционално има голема поддршка. Пријатно е чувството кога можеш да ги слушнеш своите навивачи, различно е чувството кога противничките навивачи се погласни“, дополни Тодоров.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП