ПочетнаКУЛТУРАОбјавени поетските збирки „Прашинки“ од Ристо Маџунков и „Песочни капки“ од Милчо...

Објавени поетските збирки „Прашинки“ од Ристо Маџунков и „Песочни капки“ од Милчо Мисоски

Две нови поетски збирки од докажани македонски поети излегоа од печат во издание на Антолог. Станува збор за книгите „Прашинки“ од Ристо Маџунков и „Песочни капки“ од Милчо Мисоски.

„Прашинки“ е четвртата поетска книга на Ристо Маџунков, кој како некој искусен алхемичар ги наоѓа врските до атомското јадро на изразот, до неговата суштина, која ослободена претставува чиста енергија што пред нас создава чудесни поетски светови.

„Восхитуваат актуелноста и современоста на поезијата во Прашинки. Во неа се препознава духот на времето и таа вибрира со сензибилитетот на читателот. Ристо Маџунков ни укажува колку лесна работа е (за него) да се создадат нови поетски светови; и не само тоа, тој пред сите нас ни открива и како го прави тоа: од истите елементарни честички, од нуклеусите од кои е создаден универзумот – ‘она од што се создадени зборовите‘ (’На почетокот беше зборот?‘), всушност прашинки, какви што и самите сме, оти од прав сме создадени и во прав еден ден ќе се вратиме“, се вели во рецензијата на Трајче Бјадов кон книгата.

„Песочни капки“ е четвртата поетска книга на струшкиот поет Милчо Мисоски, поделена во два дела. Во првиот дел доминира полапидарниот израз, кратки песни што по содржината потсетуваат на кратките јапонски форми, но не и по слоговната структура. Вториот циклус е подуховен и уште на почетокот внесува една попророчка поезија, поврзана со вербата и со прашањата до Бога. „Зрели стихови што поставуваат прашања и не се обидуваат да го насетат одговорот. Рецептот за убава поезија е токму тој. Да се постават прашањата, а да се одбегне одговорот, или, пак ,во најалтруистичко поетски манир, самиот читател да го насети и да го даде тој одговор. Изразот на Мисоски станува подлабок и посложен како што се развива збирката. Од лапидарниот израз на почетокот, па сè до баладично-ламенталниот тон на крајните песни, оваа збирка истовремено најавува и поет што веќе се докажал, но и поет што допрва има што да каже“, пишува за книгата рецензентот Душко Крстевски.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП