27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОрганска храна – побарувачката расте, производството паѓа?!

Органска храна – побарувачката расте, производството паѓа?!

organska

Државната статистика бележи дека производството на органска храна опаѓа, надлежните тврдат дека расте. Но, кој е ќарот за производителите и за потрошувачите?

Според надлежните раст, според статистичарите опаѓање

Надлежните тврдат дека во Македонија има постојано зголемување на органското производство, но бројките од Државниот завод за статистика (ДЗС) како да ги демантираат.

„Македонија последниве години во континуитет го зголемува органското производство. Владините политики во овој сегмент и проектираната дополнителна поддршка даваат резултат. Полека се менуваат и навиките на потрошувачите, нивниот вкус. Тие се повеќе бараат и знаат да препознаат домашни, органски земјоделски производи“ изјави неодамна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски.

Сепак, според последните податоци од ДЗС кои се однесуваат на 2014-та година во земјава имало само 2.359 хектари или 0.46% од вкупните обработливи површини со сертификат за органско земјоделство што претставува намалување една четвртина во однос на 2013-та година.

Повисоки субвенции за органските производители

Државата дава голема поддршка за органското производство. Тоа во просек добива до 30% повисоки субвенции од примарното.

Најголема стимулација има за органските градинари – до 70% и за лозарите и овоштарите до 100% повеќе од конвенционалните производители.

Половината од трошоците за сертификатот за органски производи ги покрива државата, по 3.500 денари за хектар следуваат и за зеленото ѓубриво.

Откупувачите, трговците  и извозниците се поддржуваат со дополнителни 5% од вредноста на продадените производи.

Што е органска храна?

Но, што во суштина претставува органска храна? За еден производ да се смета за „органски“ треба да има сертификат кој потврдува дека исполнува строги критериуми: не смее да содржи никакви вештачки и хемиски состојки, тие не смеат да се користат ниту за ѓубрење на почвата ниту за заштита од штетници и на адитиви и конзерванси во конечниот производ, апсолутно е забранета употребата на генетски модифицирани организми, површината на која се одгледува најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати и мора да има јасно означени граници односно растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат на соседните површини.

Најчесто под органска храна се подразбира овошје и зеленчук, но понекогаш изразот се користи и за храна од животинско потекло одгледана на здрав и природен начин – во исхраната не смеат да се користат хормони кои вештачки го подобруваат растот, ниту било какви лекови, како ни други вештачки средства, има и многу строги ограничувања во примената на антибиотици кај добитокот.

За да се добие сертификат за органско производство треба да се поминат повеќе процедури и контроли, а и во текот на целиот процес се прават проверки, велат агро инженерите.

„Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите“ објаснува проф. д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Органската храна чини од 10 до 40 проценти повеќе од обичната, во зависност од државата.

Само 1 до 2 проценти од вкупната продажба на храна во светот отпаѓа на органска, но овој сегмент од пазарот далеку побрзо од останатиот дел од индустријата за храна, во развиените земји, како и во земјите во развој.

Дали поволно влијае на здравјето?

Експертите велат дека може – таа е најдобар начин нивото на токсини во организмот да се сведе на минимум.

Во вообичаеното земјоделско производство најмногу токсини има во вид на пестициди и разни метали, кои поволно делуваат на трајноста на продуктите, но неповолно на здравјето на човекот.

Организмот може да ги исфрли повеќето токсини со кои доаѓа во контакт, но проблемот е во тоа што денес тие се користат десетици пати повеќе отколку пред пет – шест децении. Тие во храната не доаѓаат само директно како ѓубрива и пестициди туку и преку воздухот и водата. Тоа предизвикува „токсична предозираност“ кога телото не може да постигне навреме да се ослободи од сите отрови кои ги добива.

Органските производи содржат и повеќе природни хранливи состојки како шеќери, витамин Ц, антиоксиданси и поголеми количини минерали како калциум, магнезиум и железо.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП