Банкнотите од 200 и од 2.000 денари ќе бидат пуштени во оптек од 15-ти декември. Истовремено ќе бидат повлечени оние од 5.000 денари. Ова е најновата одлука на Народната Банка (НБРМ) според која новите пари ќе го олеснат плаќањето односно готовинските трансакции. Колку банкноти и монети има во оптек? Која е најчестата? Колку денари постојат – како се „креираат“ парите?
Воведување на банкнотите од 200 и од 2.000 денари
Народната Банка направила анализи според кои се утврдила потреба од воведување на двата нови апоена.
„Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации… Секоја земја треба повремено да изврши ревизија на постоечката апоенска структура, со цел да утврди дали е компатибилна со промените во општеството и трендовите на економскиот развој и економските движења“ се наведува во соопштението од НБРМ.
Дизајнот за новите банкноти беше избран пред повеќе од една година преку јавниот конкурс што го спроведе Народната Банка. Двесте денарката од едната страна ќе има релјеф со виничките теракотни икони, а од другата елементи од челната фасада на Шарената џамија во Тетово. Две илјадарката од едната страна ќе има македонска невестинска носија од Прилепско Поле, а на другата декорација од внатрешна страна на позлатен сад.
Автор на идејното решение е графичкиот дизајнер Ласко Џуровски.
„Решенијата се инспирирани од пребогатата ризница на македонското културно богатство, согласно со пропозициите на конкурсот со кои се бараше од авторите своите решенија да ги вклопат во постојниот дизајн на банкнотите во оптек“, објаснуваше Џуровски по завршувањето на конкурост.
Парите се испечатија на специјална хартија во бела боја, со вграден воден печат, заштитна испрекината нитка со впишан текст НБРМ, видливи и невидливи влакна кои рефлектираат во жолта, сина и зелена боја под дејство на ултравиолетови зраци, како и зајакнати рабови против физички оштетувања.
Повлекување на банкнотите од 5.000 денари
Паралелно со воведување на двесте денарките и две илјадарките ќе се одвива и процесот на повлекување на пет илјадарките. Ова од НБРМ го објаснуваат со нивното неприфаќање од пошироката јавност.
„Нивната примена во секојдневните трансакции е незначителна. Потреба од книжни пари со оваа деноминација не пројавуваат ниту банките и наместо нивната количина во оптек од година во година да се зголемува, таа постојано опаѓа“, објави НБРМ.
Деловните банки во Република Македонија ќе ги заменуваат книжните пари со апонска вредност од 5.000 денари од 15 декември 2016 година до 28 февруари 2017 година, а од 1 март 2017 година нивната замена ќе се врши од страна на Народната банка на Република Македонија.
Колку банкноти и монети има во оптек? Која е најчестата?
Обичниот човек можеби и има заборавено дека постои банкнота од 5.000 денари. Ова не е ни чудно ако се земе предвид дека во оптек има само 60.886 парчиња чија вкупна вредност изнесува 304.430.000 денари. Ова го покажуваат податоците на Народната Банка (НБРМ) заклучно со крајот на минатата година.
Според истите податоци најчеста банкнота во земјава е десет денарката, има над 27 милиони парчиња. На второ место е илјада денарката со над 23 милиони парчиња, па стотката со над 14 милиони, петстотката со 10 милиони и педесет денарката со нешто под 4 милиони парчиња.
Кај монетите, најбројни се оние од еден денар, над 88 милиони, од два денари има 57 милиони парчиња, од 5 денари 33 милиони, од 10 денари 25 милиони и од 50 денари 6 милиони.
Кај вредноста од 50 денари, Народната Банка во оптек има пуштено повеќе монети од банкноти односно има над 6 милиони ковани педесет денарки и речиси 4 милиони отпечатени.
Кај вредноста од 10 денари соодносот е речиси ист, 27 милиони печатени и 25 милиони ковани.
Во извештајот на НБРМ стои и дека во оптек се уште има 3.941.198 монети од половина денар односно од 50 дени, но тие официјално беа повлечени на 1 јануари 2013-та.
Овие монети и претходно беа ректи, нивното првото издание од 1993-та од едната страна имаше стилизирано 16-крако сонце, а од другата галеб во лет.
Вкупната сума на сите пари во оптек, ковани и печатени изнесува 31 милијарда 950 милиони и 962 илјади денари односно 519 милиони и 527 илјади евра.
Сепак, вкупната количина на денари е поголема, овде влегуваат само реалните отпечатени пари, а не и електронските кои постојат на банкарските сметки.
Колку денари постојат – како се „креираат“ парите?
Во паричници, во џебови, под перници, во сефови, на трансакциски сметки, на штедни книшки – кога сите денари што постојат ќе се соберат на едно место се доаѓа до сума од 324 милијарди и 122 милиони. Ако се поделат подеднакво за секој Македонец во просек би имало по 156 илјади и 484 денари.
Ова го покажуваат најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) за вкупната парична маса заклучно со крајот на јули. Во оваа сума влегуваат реалните (отпечатени) денари, но и депозитните (електронски) кои постојат само на сметките во банките. Има речиси 12 пати повеќе денари на банкарските сметки отколку што постојат готови пари во оптек. Кај банките вкупниот збир на депозитни пари достигнува 296 милијарди и 857 милиони, а во оптек има уште 27 милијарди и 266 милиони денари. Кога тие ќе се соберат се доаѓа до вкупната сума од 324 милијарди и 122 милиони денари.
И деловните банки „креираат“ пари
Со секој одобрен заем се „креираат“ нови пари. Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.
Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.
Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.
Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.
Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари. Во земјава, според последните податоци на НБРМ, разликата е речиси 12 пати.
К. Н.