4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 4%

НБРМ: Каматната стапка на благајничките записи останува 4%

bn

На 13 септември 2016 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На Комитетот за оперативна монетарна политика беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на нивото од 4%, а понудата на благајнички записи на аукцијата на 14 септември да биде непроменета и да изнесува 22.000 милиони денари.

Согласно со објавените проценети податоци за БДП, економската активност во вториот квартал продолжи да расте, но со слично темпо како и во првoто тримесечје. Во однос на проекцијата, растот во вториот квартал е понизок од очекуваниот, заради понискиот раст на бруто-инвестициите во однос на проектираниот. Расположливите високофреквентни показатели за движењата во одделните економски сектори навестуваат продолжување на растот во третиот квартал, но оцената за сега се заснова врз мал обем на расположливи податоци. Објавените податоци за БДП за првата половина од годината се пониски од очекувањата со априлската проекција, што упатува на потенцијално надолно отстапување на проектираниот економски раст за целата 2016 година.

Во однос на инфлацијата, просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени во првите осум месеци од годината и натаму е во негативната зона, при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст. Инфлациските остварувања засега упатуваат на пониска инфлација од проектираната, а ризиците околу проекцијата и понатаму се поврзани со променливоста на очекувањата за промените на светските цени на енергијата и храната.

На девизниот пазар во август продолжија поволните сезонски движења, така што втор месец по ред банките во трансакциите со клиентите забележаа нето-откуп на девизи. Во споредба со истиот месец 2015 година, движењата во август се значително подобри при висок раст на понудата од страна на менувачниците и фирмите, којашто целосно го надомести умерениот раст на побарувачката за девизи од фирмите. Во трансакциите со физички лица продолжи стабилизирањето на движењата кај побарувачката, а истовремено е забележан раст на понудата на девизи од физичките лица, поради што банките остварија релативно висок нето-откуп со овие клиенти и во август. Во услови на подобрување на девизната ликвидност на банките, се задржа високата понуда на девизи на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви околности, Народната банка интервенираше со откуп на девизи од банките поддржувачи во износ од 49,3 милиони евра во август. Со тоа, заедно со интервенциите во последната недела од јули, вкупните интервенции на Народната банка во летниот период, заклучно со почетокот на септември, изнесуваат 68,8 милиони евра и надоместија повеќе од половината на средствата продадени во периодот на шпекулативниот напад на девизниот курс оваа година. Високата девизна ликвидност во август овозможи банките да пласираат позначителен износ на девизни депозити на подолг рок (6 и 12 месеци), по позитивни стапки, кај Народната банка.

Имајќи ги предвид овие движења, нивното на девизните резерви во август забележаа значително зголемување. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, засега расположливите податоци за третиот квартал упатуваат на нешто помал трговски дефицит од очекуваниот и нето-откуп на менувачкиот пазар, како показател за приватните трансфери, во рамки на очекувањата. Сепак, расположливите податоци за надворешниот сектор за третиот квартал се ограничени и не може да дадат попрецизна слика во овој сегмент. Откупот на девизи преку интервенциите на Народната банка и во август овозможија зголемување на денарската ликвидност на банкарскиот систем. Дополнително зголемување на ликвидноста имаше и под влијание на готовите пари во оптек, коишто по достигнувањето на максималното ниво на почетокот на август, во остатокот од месецот се намалуваа и на тој начин придонесоа за раст на ликвидноста на банките. Банките го пласираа вишокот на денарска ликвидност во расположливи депозити кај Народната банка, коишто го достигнаа преткризното ниво.

Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитната база на банките. Првичните податоци за август покажуваат понатамошен раст на депозитите на населението, а голем придонес кон растот на вкупната депозитна база во овој месец имаа депозитите на корпоративниот сектор. И покрај високиот месечен раст на депозитите во август, заради досегашните послаби остварувања, нивото на депозитите и понатаму е пониско од проектираното. Податоците за кредитниот пазар за август покажуваат речиси непроменето ниво на вкупните кредити на приватниот сектор споредено со јули, при понатамошно месечно зголемување на кредитирањето на населението и месечно намалување на кредитирањето на корпоративниот сектор.  Сепак, годишната стапка на раст на вкупните кредити  е во склад со проекцијата, но со оглед на послабите остварувања кај депозитниот потенцијал и присутната неизвесност, постојат ризици околу динамиката на кредитната активност во следниот период.

Меѓународните финансиски пазари се одликуваа со релативно стабилни движења, додека во однос на макроекономските остварувања на глобален план беа објавени податоци за ниски стапки на економски раст. Во текот на август, централните банки на Австралија и на Обединетото Кралство ја зголемија поддршката на економската активност преку намалување на основните каматни стапки, како и преку дополнителни мерки за монетарно олабавување. Пазарните движења беа под влијание на очекувања за дополнителни мерки во таа насока и од страна на ЕЦБ на состанокот во септември. Од друга страна, во САД преовладуваа очекувањата дека ФЕД ќе преземе натамошни чекори за нормализација на монетарната политика до крајот на годината, во услови на поволни остварувања на американската економија, особено на пазарот на труд.

Економските и финансиските услови, како и оцената на присутните ризици покажуваат дека постојната монетарна поставеност е соодветна. По преземените мерки од страна на НБРМ на почетокот на мај, последните податоци покажуваат значително стабилизирање на движењата што би требало да продолжи и во наредниот период. Сепак, неизвесноста поврзана со домашните политички случувања и со глобалното окружување е сѐ уште присутна и дополнително нагласена по гласањето на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика за успешно остварување на законските цели.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП