5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА25 години независна Македонија – денарот еден од симболите на сувереноста

25 години независна Македонија – денарот еден од симболите на сувереноста

denarаа

Македонија слави 25 години самостојност – еден од симболите на независноста секако е и сопствената валута, денарот кој беше воведен неполна година по прогласувањето на сувереноста на историскиот 8-ми Септември 1991-та.

Денарот остана стабилен речиси четврт век

За речиси четврт век од воведувањето денарот остана стабилен, имаше само една девалвација која се случи во 97-та кога преку ноќ изгуби повеќе од 16.1% од својата вредност – германската марка поскапи од 27 на 31 денар.

Оттогаш земјава води политика на ниска инфлација и стабилен курс на денарот. Националната валута е врзана за еврото и тоа на позиција од 61.5 денари за едно евро.

Подготовки во најстрога тајност

Денарот беше воведен на 26-ти април, Велигден, 1992-та. Подготовките за монетарно осамостојување започнале веднаш по прогласувањето на независноста на 8-ми Септември 1991-та. Целиот процес се држел во најстрога тајност.

Било проценето дека новата валута мора да биде воведена што поскоро поради хиперинфлацијата која била присутна во СФР Југославија во тоа време. Сепак, предвид морале да бидат земени и повеќе фактори кои го отежнувале процесот: ниските девизни резерви, стравот од реакција од Србија и од меѓународната заедница, а целата ситуација дополнително ја компликувало и присуството на ЈНА која се уште не била повлечена од Македонија.

Била формирана посебна Комисија за монетарен систем која ги координирала активностите кои официјално започнале со одлука на експертската Влада од 19-ти декември 1991. Народната банка била овластена да започне со изработка на вредносни бонови како привремено платежно средство. Речиси 30 милиони единици биле отпечатени во „11 Октомври“ Прилеп во апоени од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1.000. Заради ефектите на хиперинфлацијата подоцна биле отпечатени и од 5.000 и 10.000 единици.

Поради кусото време за изработка било одлучено сите бонови да имаат ист дизајн, да се разликуваат само по боите. Основен мотив на предната страна бил Македониумот во Крушево, а на задната тутуноберачите.

Боновите биле отпечатени пред да биде донесена одлуката за името на новата валута, па на нив никаде не пишувало „денар“, стоела само вредноста.

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар и еве задоволство ми е да видите како тие парични единици се печатени. Нека ни е честито“ – со овие зборови првиот премиер во независна Македонија, Никола Кљусев, ги презентираше новите пари пред пратениците и пред целата јавност на Велигден 1992-та.

Истиот ден биле донесени Законот за Народна банка на Македонија, Законот за парична единица и за нејзина употреба. Следниот ден започнала замената на југословенските динари со македонскиот денар во сооднос 1 спрема 1, а целиот процес заврши за три дена.

Југословенските динари дефинитивно престануваат да важат како платежно средство на 29 април , а кованите пари од 1, 2 и од 5 динари остануваат во оптек уште една година.

Како денарот го добил своето име?

Пеон, Статер, Лав, Македонски динар. Ова биле главните предлози за името на новата македонска валута пред да биде донесена одлуката таа да биде именувана како Денар.

Предлогот дошол од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) поточно од академик Петар Илиевски.

„Називот пари најчесто се зајмува од други јазици. Во античка Македонија биле ковани пари, главно, со грчки називи, статер, драхма, обол и друго. Во времето кога Словените се населиле на Балканскиот Полуостров, Македонија била римска провинција и се употребувале римски пари. Основен назив на тие монети бил ‘денариус’, латински збор изведен од дистрибутивниот број ‘дени’ по десет и ‘декм’, сесловенски збор за десет. Називот ‘денариус’ продолжил да се употребува. Следејќи ја традицијата во употребата на назив на пари, има резон да се задржи едната или другата форма де / инар. Сметам дека денар повеќе одговара“. Ова е писменото образложение кое академик Илиевски го доставил до надлежните институции.

Името било одбрано само три дена пред презентацијата на боновите па затоа и на нив не пишувало „денар“ туку стоела само нивната вредност.

Останатите предлози биле отфрлени – Пеон, според името на исчезнатиот народ Пеони што живеел на овие простори; Статер, грчки назив под кој и повеќе антички македонски владетели ковале монети; Лав, животно кое е еден од симболите на Македонија, Македонски динар, работното име под кое се објавувала целата операција.

Замена на боновите со банкноти

Речиси веднаш по пуштањето во оптек на вредносните бонови започнуваат и подготовките за воведување на првата стандардизирана емисија на македонски денари односно на банкноти од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари.

Кон крајот на 1992-та бил распишан конкурс за изработка на новите пари. Од авторите било побарано да достават идејни решенија за шест апоени, и тоа во две варијанти: една, со ликови од историјата на Македонија и втора, со симболи на државноста, историјата, културата, природата и општествените одлики на Македонија.

На конкурсот пристигнале осум понуди, од кои четири не ги исполниле техничките и формалните барања.

НБРМ и претседателот биле со став да не се прифатат идејните решенија со ликови до историјата на Македонија за да се избегне јавна полемика и реакција на малцинствата околу тоа кои историски великани да се стават на парите. Била одбрана варијантата со симболи на македонската државност, култура и природа.

Првата емисија е печатена во „11 Октомври” од Прилеп, а монетите се изработени во фабриката „Сувенир” од Самоков.

Процесот на замена на вредносните бонови со македонски денари трае до 10-ти мај 1993-та, а на 7-ми мај била донесена одлука со која еден денар вреди 100 дотогашни вредносни бонови со цел да се изврши прилагодување поради повеќегодишната инфлација.

Сегашниот изглед непроменет од 1996-та

Сегашниот изглед на денарот е воведен на 8-ми Септември 1996-та, на петгодишнината од македонската независност.

Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари се печатени во Обединетото Кралство.

Сегашните македонски банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.

Банкнотите имаат симболи и претстави кои го изразуваат културно историското наследство на Македонија, а идејното решение е на ликовниот уметник Билјана Унковска избрано на јавен конкурс.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП