19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОПочнува проектот „Фудбал без граници“

Почнува проектот „Фудбал без граници“

фудбал---

Отпочнувањето на проектот „Фудбал без граници“ во контекст на Европскиот шампионат во фудбал во 2016 година во Франција, беше најавено во понеделник со прес конференција во Фудбалската федерација на Македонија.

Фудбалот е избран како централна тема на овој заеднички проект на Амбасадата на Германија и Францускиот институт во Скопје, кој е поддржан од Француско-германската канцеларија за млади, асоцијацијата „Лоја“ во Тетово и Фудбалската федерација на Македонија.

Проектот има за цел да ја зајакне улогата на фудбалот во современото општество во борбата против расизмот, дискриминацијата и насилството, и има за цел надминување на последиците, преку создавање на партиципативен и толерантен спортски дух и фудбалска култура.

„Фудбал без граници e заеднички проект на германската амбасада, француската амбасада, Францускиот Институт на една страна и ЛОЈА – Центар за балканска соработка, Une Terre Culturelle – Marseille and Jugendzentrum Betonia – Berlin од друга, со поддршка на Француско – Германската Младинска Канцеларија и Фудбалската Федерација на Македонија. Целокупната цел на проектот е да се зајакне улогата на фудбалот во современото општество во борбата против расизмот, дискриминацијата и насилството и се стреми да ги надмине несогласувањата преку создавање на партиципативна и толерантна спортска култура. Фудбал без Граници го смета спортот, а особено фудбалот како клучна алатка за овој процес на социјален развој. Токму затоа имплементацијата на проектот Фудбал без граници се случува во пресрет на Европското Фудбалско Првенство во Франција“, истакна Бујар Љума од ЛОЈА.

Во Македонија фудбалот не секогаш се смета како фактор на социјална кохезија, бидејќи често е извор на поделби и конфликти меѓу младите од различни етнички и социјални групи, меѓу кои се јавува нетрпеливост и насилство. Сепак, постојат многу иницијативи од спортските службеници, организации и здруженија кои се свесни за важноста од преземањето конкретни превентивно-едукативни активности во машкиот, но и во женскиот фудбал.

„Франција е домаќин на Европското првенство во фудбал кое започнува на 10 јуни, и оваа денешна средба во Македонија помеѓу учесници од Германија, Франција и Македонија низ проект кој е наменет за момчиња и девојчиња покажува дека за вакви спортски настани и за вакви фудбалски настани не постојат граници и дека спортот претставува одлично средство за социјална кохезија“, изјави Лоренс Оер, Амбасадор на Франција во Македонија.

Со цел да се истражуваат повеќе аспекти на фудбалот како општествена појава, проектот креира група од етнички мешани 26 млади момчиња и девојки од Македонија, Германија и Франција, кои во периодот од 26 до 31 мај, преку спортски натпревари, предавања и интеркултурни работилници ќе го дадат својот придонес во истражувањето. Проектот ќе вклучува и дебата со познати експерти од Франција и Македонија, како и со амбасадорите на Франција и Германија, и официјален претставник на ФФМ, а резултатите ќе бидат објавени на два настани во Тетово и во Скопје.

Проектот „Фудбал без граници“ го третира спортот воопшто, но фудбалот особено како клучна алатка за процесот на социјален развој, а се одвива во рамките на француско-германскиот Елис ден (French-German Elise Day), во контекст на Евро 2016.

„Би сакала да ја подвлечам важноста на отворената комуникација, да се прифати мирната дебата и да им се пристапи на суштинските прашања со цел да се унапредат нашите општества. Од тие причини јас сум навистина среќна што во текот на овие денови учесниците на проектот можеа без табуа да разговараат за надминувањето на прашањата за расизам, насилство и дискриминација. Фудбалскиот терен треба да биде крстосница на социјална и културна интеграција. Спортот треба да ги прифати сите млади без оглед на нивното потекло, социјален статус или религија. Натпреварот ќе биде добиен кога дискриминацијата ќе биде во офсајд и кога респектот ќе се наметне во секој миг“, додава Оер.

„Амбасадата смета дека преку спортот може да се постигне многу во полето на едукација на младите за надминување на културните, етничките и половите разлики. Особено сакам да ја потенцирам Германско – Француската соработка на културно, стопанско, образовно, научно поле која започна како резултат на желбата за помирување на народите по втората светска војна за која особено се заложија генералот Де Гол и Конрад Аденауер. Во контекст на важноста на фудбалот, Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер со својот колега Орал во мај 2016 г. го доделија одликувањето Германски Фудбалски Амбасадори за 2016 година, кое по четврти пат се доделува на спортисти кои се заслужни за меѓународна афирмација на Германија“, изјави Д-р Кристине Алтхаузер – Амбасадор на Германија во Македонија

„Ја поздравуваме и се радуваме на иницијативата на сите инволвирани страни во проектот (и покрај тоа што спортот не им е главна дејност), да го препознаат и да го искористат фудбалот како начин за зголемување на социјалната кохезија во еден мултиетнички и мултикултурен контекст какво што е македонското општество. Во свет каде се зборуваат многу јазици, јазикот на фудбалот е еден. Да го искористиме него за меѓусебно да се разбереме“, изјави Филип Поповски, генерален секретар на ФФМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП