19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОСЕХА: Веспрем се провлече против Мешков Брест

СЕХА: Веспрем се провлече против Мешков Брест

ves

Бранителот на титулата во СЕХА лигата, Веспрем е првиот финалист на завршниот турнир кој во петокот започна во Вараждин, Хрватска. Веспрем, во трилер меч, по изведувањето пенали успеа да го совлада Мешков Брест. Мечот во регуларниот дел заврши 20:20, а по изведувањето на седмерците унгарскиот шампион славеше 24:21.

Првото полуфинале на завршниот турнир донесе квалитетен меч, со гранитни одбрани, брилијантни голмански интервенции, вистинска драма во последните десет минути, која кулминираше со изведувањето пенали, кога играчите на Веспрем имаа повеќе нерви и среќа.

Веспрем излезе како победник од мечот во кој ниту еднаш не беше во предност, а единствено нерешен резултат имаше во последните 25 секунди.

Ракометарите на Мешков Брест долго ќе се прашуваат како дозволија да го загубат полуфиналето против големиот фаворит. Тие го диктираа ритамот на играта, го имаа брилијантниот Пешиќ на голот и противник кој беше далеку од своето најдобро издание.

Белорусите започнаа цврсто во одбраната и рационално во нападот, имаа 3:1 во деветтата минута, потоа 7:2 во 15-та и 11:5 во 27-та минута.

Мешков Брест не отстапи, ниту, пак, пупушти во играта и во вториот дел, иако Веспрем се доближи на три гола (12:15) во 42-та минута. Белорусите во последните десет минути влегоа со предност од четири гола (18:14) и наместо против безидејниот противник мирно да финишираат, тие направија неколку катастрофални грешки, од кои најголемата секако е онаа на Камишик кога лошо менуваше поради што доби исклучување, а Мешков речиси две минути играше со два ракометара помалку.

Веспрем тоа го искористи и со два брзи гола на Угалде се доближи на гол негатива (17:18, во 53-та минута). Во последните седум минути Белорусите постигнаа два, а Веспрем три гола, од кои последниот на мечот на 25 секунди до крајот (Угалде).

Во пенал серијата Мешков немаше ниту среќа, која веројатно ја „потроши“ во регуларниот дел. Илиќ, Маргуч, Иваншик и Терзиќ беа сигурни за Веспрем, Разгор погоди за Мешков Брест, а ударите на Баранов и Камишик завршија во левиот дирек од голот на Алиловиќ.

Централни фигури на овој меч беа хрватските голмани, двајцата и Пешиќ (Мешков) и Алиловиќ (Веспрем) мечот го завршија со по 15 одбрани. Стрелците кај Веспрем ги предводеа Угалде и Наѓ со по пет гола, Шпанецот со 100-отстотна реализација, а Наѓ погоди само пет од 14-те удари.

Кај Мешков Брест четворица постигнаа по четири гола: Тиуменцев, Камишик, Стојковиќ и Шиловиќ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП