2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕгзистенцијата на работниците во заложништво на политиката!

Егзистенцијата на работниците во заложништво на политиката!

Работодавачите и синдикатот со апели до политичарите да проработи свеста и да го одблокираат функционирањето на Собранието за да може да се донесат законите од петтиот сет економски мерки. Предлог законите кои овозможуваат субвенционирање на плати за вработените кои работат во компании погодени од Ковид-19 се ставени на дневен ред на 23 март. Проблемот за бизнис секторот е тоа што рокот за аплицирање е заклучно со 30 март. Бизнисмените веќе се скептични дека ќе добијат помош од државата поради политичкиот инает на дел од партиите. Синдикалците пак велат дека со секое одолговлекување работниците ќе трпат сериозни штети и последици по нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства.

И додека пратениците тераат инает, кој од законите е приоритетен за носење полека истекува времето за аплицирање на компаниите за мерките од петтиот сет. На 30-ти овој месец е краен рок фирмите да достават барање за добивање на државна помош или субвенции за плати за февруари и за март, со услов да биле погодени од кризата. Но со оглед на фактот дека тој предлог Закон за финансиска подршка на компаниите е на дневен ред на 23 март, мали се шансите сите заинтересирани компании да дојдат до пари од државата за исплата на своите вработени. Од Сојузот на стопански комори за Денар велат дека одамна се откажани од државната помош бидејќи не гледаат политичка волја од пратениците дека работат во интерес на граѓаните. Бизнисмените се жалат дека финансиската состојба во приватниот сектор е загрижувачка и очајна. Дополнително сега со блокадата на собранието им се заканува и нивните работници да не добијат плата за февруари и март.

„Законот за финансиска поддршка е од големо значење за одржливоста на претпријатијата како и за зачувување на работните места во приватниот сектор поради што сите согласно своите надлежности треба да преземат се што можат за оваа мерка во најкраток период да стане апликативна и помошта да стаса до оние на кои им е најпотребна“, велат од Сојузот на стопански комори.

Разочараност од политичкиот ќорсокак во собранието изразија и од Организацијата на работодавачи. За Денар тие велат дека ваква неодговорност на дел од пратениците не е забележана одамна во Македонското собрание.

„Блокадата на парламентот и недонесувањето на законите за финансиска помош за компаниите и граѓаните е голема одговорност и безобразлук од страна на пратениците. Тие се ставаат во служба на партијата и политичкиот лидер, наместо во служба на државата и граѓаните кои ги избрале. Затоа сите оние работници кои ќе останат без работа ќе бидат на нивна совест“, велат од Организацијата на работодавачи.

Од Сојузот на синдикати на Македонија пак апелираат до сите политички субјекти да се охрабрат и да испаднат во пресрет на работниците, да ги исполнат ветувањата кои ги имаа дадено на барањата на работниците, вклучително и обезбедување на финансиска поддршка за исплата на платите. „Во изминатиот период оваа мерка беше воведена токму на барање на ССМ, а тоа има за цел да се зачуваат работните места на нашите колешки и колеги особено во нај погодените сектори како што тоа е во угостителството, туризмот, текстилот, градежништвото и други дејности. Потребно е и во наредниот период сите да придонесеме и здружени со иста цел да ги зачуваме работните места и да се обезбеди плата за нај погодените работници во оваа здравствена криза. Македонските работници, со секое одолговлекување можат да трпат сериозни штети и последици по нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства“, велат за Денар од ССМ.

Проблемите започнаа со тенкото мнозинство во собранието за носење на законски решенија. Потоа следуваа пратеници кои се заболени од ковид, а со тоа и немање на кворум за работа на Законодавниот дом. Откако пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги смирија страстите по ова прашање и изјавија дека нема да тераат политики, туку експресно ќе гласаат за законот за субвенции на плати, се појави здружената коалиција од албанскиот блок Алијанса за Албанците – Алтернатива, која поднесе прво над 10  илјади амандмани на разни закони меѓу кои и на предлог законите од економските мерки. Пратеникот Скендер Реџепи од оваа коалиција истакна дека тие како политичка опција се залагаат сите граѓани кои немаат државјанство, а ги исполнуваат условите да го добијат тој важен документ од државата, и преку нивниот предлог закон за државјанство тоа ќе им биде овозможено да ги имаат сите привилегии како и останатите граѓани на Македонија.

„Дајте сите да се ангажираме заеднички да се изнајде такво решение, да се овозможува тие граѓани да имаат сите државјанство, нека си добијат државјанство. Нека си го живеат чесно тој останат дел од животот што им преостанува. А потоа ќе има можност за здравствена и финансиска заштита“, вели Реџепи.

Според собранискиот спикер, Талат Џафери, доколку партиите се договорат постои шанса законот за финансиска подршка на компаниите иако е закажан за 23 март тој може да биде усвоен и на тој ден, евентуално следниот на 24 март. Но, како што вели Џафери за тоа ќе треба голема политичка волја. На неколку пати апел за брзо носење на овој клучен закон за работниците изпратија и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, но и премиерот Зоран Заев кој истакна дека пратениците треба да се одважат и да постапат во интерес на граѓаните.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП