24 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПромоција на романот за деца „Светот на сребрениот кладенец“

Промоција на романот за деца „Светот на сребрениот кладенец“

kladenec

Издавачката куќа „Метаноја“ го најавува излегувањето од печат на своето најново издание, романот за деца „Светот на сребрениот кладенец“ од Коста Милков.

Промоцијата на книгата ќе се одржи во вторник, од 18.30 часот, во „Театарот за деца и младинци“, а за книгата ќе зборуваат Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски.

Авторот Коста Милков дава кус опис на заплетот и расплетот во книгата: Аурурово, обично село во пазувите на планината Вита. Или пак и не така обично? Аурурово крие тајна чие откривање ќе поведе две деца, брат и сестра, Златко и Златанка на опасни патувања во непознат свет со кој владее лукава сребрена змија по име Аргир.  Низ овие патешествија тие ќе се запознаат со вистинското потекло на татко им Платнар. Јавнати на еднорози Златко и Златанка ќе војуваат против Аргир со харфа и со песна наспроти копјата и стрелите на неговата војска. Ќе излезат ли нотите и мелодијата посилни од ѕвекотот на оружјето?

Ова е приказна за два света, две деца и еден татко кои низ разни искушенија ќе се соочуваат со изборот да му се противстават на злото и да се борат во името на доброто по цена на големи жртви и болка, или пак да тргнат по навидум полесниот пат без отпор кој нема да ги чини напор и болка, но ќе ги чини она заради што животот е вреден за живеење: радост и љубов.

За настанувањето на нигата во предговорот наречен „Белешка од ќерката“, Габриела Милкова пишува … И така сега едно седумнаесетгодишно девојче си типка на својата тастатура, присетувајќи се како дошло до ова, како Светот на сребрениот кладенец се материјализирал. Ете така. Еден татко еднаш почнал да ѝ раскажува приказни на својата ќерка. Една мајка не им дозволила да одлетаат во заборав. А пак, таа ќерка, иако нема да е секогаш дете, сега им ги препушта приказните на сите други деца, надевајќи се дека и тие ќе научат да сонуваат.

Во поговорот Оливера Ќорвезироска за книгата вели: Коста Милков успеал да создаде еден впечатлив, првенствено потребен, на извесен начин речиси неопходен,  роман во домашната книжевност. „Светот на сребрениот кладенец“ е наш „Хари Потер“, наш „Хобит“ и „Господар на прстените“ … Моделот на одличен спој на забава и функционална дидактика е модел според кој треба да функционира литературата за млади и според кој, јасно, директно и препознатливо, функционира и „Светот на сребрениот кладенец“.

„Светот на сребрениот кладенец“ не е здодевен роман. Напротив. Тој не е ни преедноставен, ни пресложен. Не е наивен, ниту наметлив. „Светот на сребрениот кладенец“ е роман со јасно поставена и остварена амбиција.

Коста Милков е роден во 1970 година во Струмица. Се образовал во Скопје, Осијек, Бостон и Оксфорд. Претседател е на Балканскиот институт за вера и култура, автор на бројни стручни написи, и говорник со меѓународно искуство. Покрај стурчните тестови, Коста пишува поезија и проза. Ова е негов прв роман за деца.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП