25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТелеком ќе исплати 91,8 милиони евра дивиденда

Телеком ќе исплати 91,8 милиони евра дивиденда

20130329-180316.jpg

Македонски Телеком следниот месец ќе исплати дивиденда во вкупен бруто износ од 5.646.607.282 денари или 91,8 милиони евра. По тој основ од вкупниот износ Владата ќе добие 35,5 милиони евра согласно 38,68 проценти од акциите што ги поседува државата во компанијата.

Одлуката за исплата на дивидендата е донесена на денешната седница на Годишното Собрание на МТ. На вонредни состаноци, пак, на одборите на директори на МТ и на Т-Мобиле за нов извршен директор на Телеком и за претседател на Одбор на директори на Т-Мобиле е избран Тило Куш. На позицијата главен извршен директор на Телеком, Куш доаѓа на местото на Даниел Сас, чија оставка е констатирана на седницата, а кој ја продолжува кариерата во компанија во Унгарија. Новите функции Куш треба да ги извршува од 8 април, со мандат од четири години.

Димитар Ковачевски, извршен директор за комуникации во Македонски телеком и Т-Мобиле по седницата информира дека Собранието на годишната седница ги усвоила Годишната сметка, консолидираната Годишна сметка, ревидираните Финансиски извештаи, ревидираните консолидирани Финансиски извештаи и Годишниот извештај за работењето на Друштвото за 2012 година.

Собранието утврдило дека задолжителната општа резерва, како општ резервен фонд на Друштвото, која изнесува 1.916.777.547 денари (односно една петтина од основната главнина на Друштвото – 9.583.887.733 денари) земајќи ги предвид измените на член 485 од Законот за трговски друштва, го надминува законски дефинираниот минимален износ за 958.388.773 денари. Тој износ од 958.388.773 денари се распределува во акумулирана добивка на Друштвото.

Согласно Одлуката за дивидендата за минатата година во вкупен бруто износ од 5.646.607.282 денари, бруто износот по акција изнесува 65,46 денари, со вклучен данок на добивка, персонален данок на доход и данокот по задршка, каде што е применливо. На денот на исплата на дивидендата, од бруто износот на дивидендата по акција од 65,46 денари при исплатата на физичките лица МТ ќе задржи и уплати 10 проценти данок на добивка и 10 проценти персонален данок на доход, а при исплатата на странските правни лица ќе задржи и уплати 10 проценти данок на добивка и 10 проценти данок по задршка.

Право на дивиденда за минатата година имаат сите акционери кои ќе бидат евидентирани во Книгата на акционери на Телеком на 5 април. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2012 година е 2 април, а прв ден на тргување без такво право 3 април. Исплатата на дивидендата ќе се изврши во периодот помеѓу 17 и 30 април.

На седницата на Собранието е одобрено и работењето на членовите на Одборот на директори на МТ за 2012, a е усвоен и Годишниот извештај за работењето на Секторот за интерна ревизија на ниво на Групација на Друштвото за 2012 година.

Констатирана е и оставката на Кристофер Матхајзен од позицијата неизвршен член на Одборот на директори на Македонски Телеком, со важност од 1 април. За нов неизвршен член на Одборот на директори на Македонски Телеком е именуван Михај Немет. Констатиран е и истекот на мандатот на Борис Ставров, како неизвршен член на Одборот на Директори на Македонски Телеком, како и оставката на Тибор Видош од позицијата извршен член на Одборот, во функција на главен оперативен директор на Т-Мобиле. Славко Пројкоски, главен директор за финансии на МТ и Т-Мобиле, истовремено е избран за нов извршен член на Одборот на директори на Т-Мобиле во функција на главен оперативен директор на Т-Мобиле.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП