25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

latestnews

Најнови вести од светот 29.03.2013

 

Москва – Министерство за економски развој на Русија ја намали прогнозата за стопански раст на земјата за оваа година од 3,6 на под 3 отсто, соопшти рускиот заменик-министер за економија Андреј Клепач. Тој не наведе точни податоци за ажурирање на прогнозата бидејќи тие ќе бидат подготвени и официјално објавени за една недела. Одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека ќе биде можен стопански раст од 3,3 отсто, кој го предвидуваат некои економисти, Клепач рече дека тоа е оптимистичка прогноза за растот.

 

Виена – Јавниот дефицит на Австрија лани изнесувал 2,5 отсто од БДП исто како и во 2011 година, покажуваат прелиминарните податоци, наспроти очекувањата дека дефицитот ќе го надмине лимитот на Европската унија од 3 отсто. И приходите и расходите во рамки на буџетот се зголемени за 4,4 отсто во 2012 година, па јавниот дефицит изнесувал 7,7 милијарди евра, наведува статистичката агенција на Австрија. Австриската влада прво предвиде дека дефицитот ќе биде значително повисок, однсоно 3,1 отсто, што е над лимитот на ЕУ.

 

Париз – Перспективите на економиите на членките на Групата седум најразвиени земји во светот (Г7) конечно се подобрени, иако се уште е рано за прекинување на вонредните мерки на државите и централните банки воведени за поттик на стопанскиот раст, оцени Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Економскиот раст на членките на Г7 ќе се зголеми за 2,7 отсто во првиот кавртал од оваа година, по падот од 0,5 отсто во претходните три месеци, се наведува во извештајот. Во второто тримесечие во 2013 година стопанскиот раст на Г7 во просек ќе се зголеми за 1,8 отсто, оценува ОЕЦД.

 

Љубљана – Поврзувањето на кипарската состојба со словенечката и најавите дека Словенија до крајот на оваа година можеби ќе мора да бара финансиска помош поради состојбата во нејзините банки се целосно неумесни, оцени словенечкиот економист Јоже Манцингер. – Стопанствата на Кипар и Словенија се целосно различни, потенцира тој во интервју за мариборскиот весник „Вечер“, потенцирајќи дека структурата на словенечката економиај е здрава. Ѕој нагласи дека Кипар создаде преголем банкараски сектор со привлекување странски депозити и давање даночни повластици на странските компании. Лани Кипар имал извоз од само 1,4 милијарди евра, но четири пати поголем увоз, додава Манцингер.

 

Будимпешта – Стапката на невработеност во Унгарија во периодот декември 2012-февруари 2013 порасна на 11,6 од 11,2 отсто, колку што изнесуваше во кварталот ноември 2012-јануари 2013, но на годишно ниво остана непроменета. Според податоците на Евростат, стапката на невработеност во Унгарија во јануари била нешто повисока од просекот на 27-те членки на Европската унија од 10,8 отсто. Унгарскиот завод за статистика ја пресметува невработеноста на тримесечно ниво, бидејќи смета дека месечните податоци се премногу променливи.

 

Сеул – Јужнокорејскиот електронски гигант „Самсунг“ откупи нови акции од „Шарп“ во вредност од 35,8 милиони евра. На тој начин „Самсунг“ стана најголем поединечен сопственик на акциите на „Шарп“.

 

Берлин – Стапката на невработеност во Германија во март се намали, бидејќи пазарот за труд во земјата се уште добро се држи наспроти должничката криза во еврозоната, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика. Во соопштението се наведува дека, ако се сметаат сезонските фактори, невработеноста овој месец е намалена. Неприлагодениот број на луѓе без работа е намален за 58.429 на 3,09 милиони луѓе, а стапката на невработеност падна на 7,3 од 7,4 отсто од февруари.

 

Лондон – Најголемата и најстара светска осигурителна куќа „Лојдс“ лани оствари профит пред оданочување од 2,77 милијарди фунти (4,2 милијарди долари), во однос на загубата од 516 милиони фунти во 2011 година. Поради растот на исплатите на осигурувања од природни катастрофи, во 2011 година „Лојдс“ ја имаше својата прва загуба по 2001 година, кога приходите од осигурителните куќи значително се намалија поради терористичките напади во САД на 11 септември. Ураганот Сенди кој го погоди источниот брег на САД лани во октомври, го чинеше „Лојдс“ 2,2 милијарди долари, што беше околу 10 отсто од сите исплати на осигурувања. За целата ланска година исплатите на осигурувањата се намалени на 10,1 милијарда фунти, од 12,9 милијарди фунти од 2011 година.

 

Виена – Виенските трговци ќе можат да се радуваат на прометот од велигденските подароци во висина од околу 53,3 милиони евра, што е околу четири отсто повеќе од претходната година. Како што проценува Виенската стопанска комора, со 57 евра по глава на жител, трошоците оваа година се за 2 евра повисоки од лани. Како и секоја година, се работи за класични подароци најчесто чоколада, јајца и играчки. За децата Велигден е како втор Божик – 77 испитаници сакаат со подароци да ги израдуваат децата, 37 отсто партнерите, една четвртина родителите, а 22 отсто од анкетираните сакаат да ги израдуваат пријателите.

 

Франкфурт – Обемот на банкарското кредитирање на домаќинствата во еврозоната повторно е намален во февруари, бидејќи долготрајната должничка криза во регионот ја намалува побарувачката на кредити, соопшти Европската централна банка. Кредитите кои банките на еврозоната ги одобриле на приватниот сектор се намалени во февруари за 0,9 отсто во однос на истиот месец лани, откако во јануари исто така опаднаа за 0,9 отсто, наведе ЕЦБ. Банката тврди дека намаленото кредитирање на приватниот сектор го отсликува падот на побарувачката на кредити, а не строгите услови на кредитирање, имајќи ги предвид песимистичките стопански прогнози и избегнувањата на ризиците во текот на кризата.

 

Сеул – Јужнокорејската компанија „Хјундаи Моторс“ ја ангажираше француската модна куќа „Ермес“ да ја преуреди внатрешноста на три модели на најлуксузни автомобили. Петтиот најголем производител на автомобили сака да ја зголеми цената на своите модели за да ја намали конкуренцијата на домашниот пазар на луксузни возила за странските производители како што се БМВ, „Дајмлер“ и „Ауди“. Возилата чија внатрешност ќе ја преуредат експерти на „Ермес“, ќе бидат изложени на Саемот за автомобили во Сеул, кој нема да биде од продажен карактер.

 

Берлин – Малопродажбата во Германија неочекувано порасна во февруари, по силниот скок од претходниот месец, соопшти германскиот Завод за статистика Дестатис. Според прелиминарните податоци на Дестатис, малопродажбата минатиот месец е зголемена за 0,4 отсто во однос на јануари. Аналитичарите очекуваа дека малопродажбата ќе падне за околу 0,6 отсто, по растот од три отсто во јануари.

 

Сиднеј – Американската бонитетна агенција „Мудис“ ја потврди оценката на кредитниот рејтинг на Португалија на Бб3 со негативна прогноза, со образложение дека земјата има голем јавен долг и дека постои опасност од дестабилизација покрај надворешните удари, како што е кипарската криза. Во извештајот се додава дека економијата на Португалија ослабела и дека оваа година може да дојде до поголемо економско успорување од предвиденото. „Мудис“ го пофали значајниот напредок кој го направи португалската влада во поглед на буџетската консолидација и структурните реформи.

 

Берн – Најголемиот светски производител на часовници, швајцарската компанија „Своч“ застана на чело на листата на најугледните швајцарски фирми, пред трговскиот гигант „Мигрос“, според резултатите на најновата студија „Бизнис и Рефлектор 2013 година“, која ја изработи институтот „ГФМ Свис Маркетинг“. Веќе четврта година по ред „Своч“ и „Мигрос“ се менуваат на чело на листата на најугледни куќи во Швајцарија. Овој пат, „Мигрос“ го зазема второто место меѓу 52 швајцарски компании.

 

Берн – Швајцарија лани оствари суфицит на тековниот платен биланс во износ од 80,4 милијарди франци, во однос на 49 милијарди во 2011 година. Ова зголемување главно потекнува од капиталните приходи кои скокнаа на 48,1 милијарда франци, додека претходната година изнесувале 19,5 милијарди, објави Швајцарската национална банка. Во таа смисла, значајна улога одиграа швајцарските директни инвестиции во странство кои во 2011 година беа на исклучително ниско ниво.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП