16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДрва, струја или парно – што е најисплатливо, како да се намалат...

Дрва, струја или парно – што е најисплатливо, како да се намалат трошоците за греење?

parno

Пониска температура за 1 степен, помала сметка до 10%. Ова е основниот метод за намалување на трошоците за греење. Со поставување на термостат на системот кој во просторијата ќе одржува 20 наместо стандардните 23 степени заштедите се значителни, објаснуваат експертите за енергетска ефикасност.

Дополнителните совети кои ги даваат се:

  • навечер или кога нема никој дома системот да не се исклучува туку да се намалува температурата на 15 до 18 степени,
  • ако се користат радијатори да се постави алуминиумска фолија меѓу нив и ѕидот за да се рефлектира топлината,
  • проветрувањето да се прави само преку ден кога е најтопло,
  • навечер собите да бидат затворени, како и вратите од ходниците, плакарите и помошните простории кои не се греат,
  • котлите на нафта гас и дрва редовно да се чистат – најмалку еднаш годишно,
  • електричните греалки да се вклучуваат директно во штекер, а не на продолжен кабел.

Сепак, за вистинска заштеда потребни се инвестиции во самата куќа или стан – подобра изолација значи помала сметка.

„Ставање на топлинска изолација и прозорци е мерка која бара најголемо вложување, но е и најисплатлива. Не се исплатува за една или две години, потребни се седум или осум, во зависност од тоа каков бил објектот“ објаснува проф. д-р Ристо Цицинков, Машински факултет.

Кој систем за греење е најисплатлив?

Експертите децидни – топлотните пумпи односно клима уредите со инвертор имаат највисок коефициент на искористеност на енергијата.

„Во зависност од квалитетот на таквиот уред, апарат, во најмала рака ја преполовува цената на потрошената енергија. Вие трошите 1 kW, добиват 2.5 до 3 или 4 kW. Тоа е топлинска пумпа, од надвор зема топлина и ја внесува дома, тоа е стручното име, во народот сите ги знаат како климатизери. Постојат два типа, тие кои работат само до 0 или до -1 степен и поквалитетните кои работат и до -15 степени“ вели проф. д-р Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност.

„Наједноставно е инсталирањето на клима уреди со инвертори, во зима работат како топлотна пумпа, технологијата е толку унапредена што има фактор на трансформација од 4 или 5. Тоа значи дека за 1 kWh електрична енергија се добиваат 4 или 5 kWh топлинска енергија. Кај греалките за 1 kWh електрична енергија се добива 1 kWh топлинска енергија“ вели проф. Цицинков.

Колку чини греење на домот оваа сезона?

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Во ЈП. Македонски Шуми, цената за метар кубен бука е 2.370 денари, а за даб 2.470 денари, за разлика од приватниците кои наплаќаат и некој денар повеќе. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со помош на огревно дрво. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.
Оние кои се греат на парно ќе платат повеќе од оние кои се греат на дрва иако годинава цените се намалија. Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати е 2.000 денари или 24.000 денари годишно. Негативна страна е и што не може да се штеди – радијаторите подеднакво работат во сите соби, а и кога нема никој дома. Грејната сезона почна на 15 октомври, а ќе трае до 15-ти април идната година. Доколку температурите се пониски, снабдувањето може да продолжи и по овој датум, но не подоцна од 30 април. Оваа привилегија ја имаат само жителите на главниот град. На системот се приклучени околу 50.000 домаќинства.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари. Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела. Сепак и оние што имаат парно или користат дрва во најстудените денови се догреваат со струја. Дури 80% од домаќинствата го користат овој енергенс како основно или дополнително средство. Вкупната потрошувачка на електрична енергија во периодот октомври – март е за околу 45% поголема од април – септември.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП