28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНБРМ донесе повеќе одлуки за унапредување во управувањето со активата во банкарските...

НБРМ донесе повеќе одлуки за унапредување во управувањето со активата во банкарските биланси

nbrm_g11

Советот на Народната банка на Република Македонија денеска донесе одлуки за управување со кредитниот ризик, за сметководствен и регулаторен третман на преземените средства и за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на адекватноста на капиталот. Како што стои во соопштението од НБРМ, се очекува овие одлуки, донесени по консултациите со деловните банки, да овозможат унапредување во управувањето со активата во банкарските биланси.

Банкарската практика покажува дека преземените обезбедувања често се задржуваат во билансите на банките долг временски период пред банката да ги продаде и со тоа да оствари наплата во готовина. Самото преземање на обезбедувањето заради наплата на ненаплатените побарувања многу често не доведува до прикажување приходи од страна на банката. Овие средства се задржуваат подолго во билансите на банките поради настојувањата да бидат продадени по цена што е приближно еднаква на износот на ненаплатеното побарување, а која што тешко може да се оствари бидејќи е повисока од пазарната цена.

Донесените одлуки, покрај тоа што дозволуваат земање соодветен процент од вредноста на обезбедувањето при издвојувањето на исправката на вредноста, се очекува дека ќе придонесат и за тоа банките побрзо да остварат готовина од средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, што потоа ќе им овозможи полесно да ја спроведуваат својата основна функција – посредување помеѓу оние сектори во економијата каде што има заштеди со оние каде што има потреба од кредити.

Се очекува дека овие одлуки ќе придонесат и за зголемување на ревалоризациската резерва што се формира при преземање на обезбедувањата, а која е дел од законски одредениот регулаторен капитал.

Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за изменување на Одлуката за расположливите депозити. Согласно со тековната поставеност, на редовните месечни седници на Комитетот за оперативна монетарна политика, гувернерот ја утврдува максималната каматна стапка на аукциите на благајничките записи, а со тоа посредно и каматните стапки на расположливите депозити на седум дена, репо-аукциите и каматната стапка на расположливиот кредит преку ноќ, кои што соодветно се приспособуваат околу каматната стапка на благајничките записи. Со измените на Одлуката се врши пренесување на надлежноста за утврдување на каматната стапка на расположливите депозити од Советот на Народната банка на гувернерот. Ова овозможува да се надмине проблемот на временска неусогласеност помеѓу промените на каматните стапки, имајќи предвид дека седниците на Советот на Народната банка и Комитетот за оперативна монетарна политика се одржуваат во различен временски период во текот на месецот.

На денешната седница, Советот на Народната банка ја донесе и Одлуката за издавање согласност за вршење микроплаќање и Одлуката за техничките стандарди за вршење микроплаќање, кои произлегуваат од потребата за усогласување со Законот за дополнување на Законот за платниот промет. Со овие две одлуки Народната банка ги пропишува документацијата, податоците, информациите, како и техничките стандарди за вршење микроплаќања од страна на лицата кои имаат намера да бидат посредници, заради обезбедување сигурно и стабилно вршење на услугите на микроплаќања.

На седницата беше донесена и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за начинот и условите под кои резидентите што не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство, што произлезе од иницијативата на трговските друштва. Со измените и дополнувањата на Одлуката всушност се проширува можноста за отворање сметки во странство врз основа на одобрение од Народната банка, кога има приливи од поврат на данокот на додадена вредност остварен од трговски трансакции во странство, како и приливи од вонсудска спогодба склучена во странство помеѓу засегнатите страни.

Посебна новина во работењето на Народната банка претставува Одлуката за начинот, постапката за издавање, формата, содржината и располагањето со кованите пари за колекционерски цели, со која Народната банка ќе има можност да издава ковани пари за колекционерски цели со одредени мотиви, специфични карактеристики и тематски детали, што ќе придонесе за натамошна афирмација на земјата и за збогатување на нумизматичката збирка на Народната банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП