19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Лидија Трајковска Ристовска – маркетинг менаџер во Жито Лукс

Интервју со Лидија Трајковска Ристовска – маркетинг менаџер во Жито Лукс

li

Денар: Најголемиот македонски производител на леб и брашно, Жито Лукс, постојано го обновува своето производствено портфолио. Колку е важно да се инвестира во нови производи?

Секој што работи во областа на маркетингот добро знае дека во центарот на сите маркетинг напори се купувачите. Тие го диктираат местото на пазарот на секоја компанија, а ние треба да работиме да ги задоволиме нивните потреби, кои што често се менуваат.  Императив на Жито Лукс е воведувањето на новини за потрошувачите со фокус на проширување на производственото портфолио. Ние во Жито Лукс сме свесни дека купувачот постојано е во потрага по нешто ново, несекојдневно, возбудливо. Затоа, особено е важно постојано да се инвестира во нови производи, а дополнително што тие придонесуваат за “органски” раст на компанијата.

 

Денар: Во последнава година на пазарот пласиравте дури пет нови видови леб, а сега последна новина од Жито Лукс се осумте вида бисквити. Што е потребно да се следи едно вакво динамично темпо на развој?

Жито Лукс веќе седум децении е лидер на овој пазар, а таа позиција се заслужува со стекнување на довербата кај потрошувачите, задржување на истата и секојдневно освојување на нови потрошувачи. Новите потрошувачи ги придобиваме со пласирање нови, специфични производи прилагодени на нивните потреби. Сето тоа се должи на добро изградена и поставена развојна стратегија. Но да бидеме искрени, ни една стратегија нема да биде добро спроведена и ефективна доколку тимот што работи не се посветува комплетно. Жито Лукс има одличен и високо стручен тим, сите функционираме како едно големо семејство. Со самосвесност за своите одговорности, поттикот и мотивираноста, целиот тим секојдневно придонесува кон одржување на ова темпо и постигнување на одлични резултати.

 

Денар: Зошто се одлучивте за проширување на портфолио во сегментот кондиторија, односно со бисквити?

Секој нов настап на пазарот е проследен со детална анализа и истражување на состојбите на пазарот, потребите, движењата. Работевме долго на лансирање на Жито Лукс бисквитите. Нашата анализа на пазарот покажа простор за нова понуда на пазарот на бисквити. Со изборот што го направивме, уверени сме дека ќе пополниме една празнина на пазарот и дека ќе предизвикаме едно позитивно раздвижување во овој сегмент. Новите бисквити се направени од внимателно избрани состојки и тие се создадени во согласност со високите стандарди на компанијата. Вкусовите се дополнети со чоколадо, какао, путер, млеко и цимет. Тие може да се конзумираат како десерт, но тие исто така се идеални за комбинирање во разни рецепти или топли пијалаци. Во согласност со политиката на компанијата за пакување на производите, бисквитите имаат современо дизајнирани пакувања, каде што содржината на производот е видливо означена, како и состојките кои се користат и нутритивните вредности.

lide

Денар: Со производство на повеќе од дваесет видови леб, традиционални, специјални и тост и неколку вида брашно, вие како компанија сте лидер на македонскиот пазар во мелничко – пекарската индустрија. На што најмногу внимавате при создавањето на нов производ?

На сè! Пред се ги истражувате навиките на потрошувачите, дали конкретниот производ ќе го привлечи нивното внимание. Производот мора ги да исполнува највисоките стандарди за квалитет. Ние во Жито Лукс ги имаме имплементирано  сите потребни и најнови стандарди за безбедност и квалитет на производот. Постојано и за сите наши производи користиме високо квалитетни, свежи и внимателно избрани состојки, затоа што знаеме дека токму тие имаат влијание врз квалитетот на производот, а за тоа сме бескомпромисни. И на крајот, ги следиме трендовите во исхраната и ги имплементираме оние што веруваме дека се апликативни на нашето секојдневие и прехранбени навики.

 

Денар: Каква е вашата компаниска стратегија за 2016 година, може ли да очекуваме нови изненадувања за потрошувачите?

Секако да.  И досега верувам дека сме останале доследни на сето она што сме го ветиле, а за следната година ветуваме нови, интересни и возбудливи производи. Исто така, дел од нашиот стратешки фокус е и грижата за заедницата, така што и следната година ќе продолжиме со спроведување на кампањата „Храна подарена од срце“, наменета за помош на институции за згрижување на социјално ранливите категории.

 

Денар: Се повеќе се видливи активностите на кампањата „Храна подарена од срце“. Ве молам кажете ни нешто повеќе за вашата стратегија во ова поле.

Кампањата „Храна подарена од срце“ е општествено одговорна платформа на Жито Лукс, односно компаниска определба за постојано присутна и активна грижа за заедницата. Тоа значи дека посебно внимание посветуваме на помош за заедницата, за поединци или групи, а тоа вклучува константни донации. Нашиот општествен ангажман не се појавува само повремено или со повод за некои празници, туку е нешто што го спроведуваме постојано. Така, кампањата „Храна подарена од срце“ се спроведува во континуитет со донации во повеќе различни центри или социјално згрижувачки установи. Конципирана е со цел да ја помогнеме нивната работа и да го подобриме квалитетот на животот на штитениците, дали се тоа деца или возрасни, социјално ранливи категории. Досега се започна со годишни донации на леб или брашно во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари, Заводот за рехабилитација Рето Надеж и Интернатот за деца од социјално загрозени семејства Гоце Делчев во село Љубанци, а ќе продолжи и понатаму соодветно на тоа каде ќе ги детектираме најургентните потреби. Воедно, секогаш излегуваме пресрет и на инцидентни потреби од помош, како што беше помошта за жителите од поплавените подрачја, а доследни сме и на традицијата за донации со празничен повод. Сето ова говори дека Жито Лукс има воспоставено цврста врска со заедницата, ние сме дел од оваа средина и проблемите со кои се соочуваат граѓаните се и наши проблеми, па соодветно, на секој можен начин се обидуваме да помогнеме.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП