19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Марио Шерич, експерт од областа на туризмот и основач на...

Интервју со Марио Шерич, експерт од областа на туризмот и основач на МарКон, Хрватска

maro

Денар: Вие сте сопственик и директор на МарКон. Кои се Вашите деловни принципи и политики?  Како е организиран МарКон?  Дали сте Вие вклучен на оперативно ниво во секојдневните активности на компанијата?

Откако поминав 8 години работејки во меѓународни консалтинг и хотелски компании (Horwath International и Marriott International), на почетокот на 2006 ја основав мојата компанија МарКон, која се занимава со туристички и хотелски консалтинг во јужниот хрватски регион Далмација, со фокус на Сплит – најголемиот град на хрватскиот брег.  Откако ја зацврстив позицијата во Сплит и Далмација, почнав да работам на проекти во други дестинации во регионот, како Босна и Херцеговина, како и подалечни земји како Мароко и Казахстан.  Мојата мисија е да создадам трајни вредности за моите клиенти кои работат во индустријата за туризам и хотелиерство во туристичките дестинации кои се во развој, не само преку изготвување на стратегии и бизнис планови за развој на туристичките дестинации и проекти за хотели, туку и преку помагање на нашите клиенти во сите фази на развој преку имплементирање на активности кои ги препорачувам.  Моите клиенти се најчесто инвеститори во хотели со среден обем кои инвестираат од 5 до 50 милиони Евра, како и јавни институции во туристички дестинации кои реализираат од 50 илјади до 5 милиони ноќевања. Работам во согласност со меѓународните стандарди за консалтинг, често и 24/7, обично самостојно, но понекогаш и во соработка со избрани професионалци зависно од опфатот на работата која треба да се заврши.

 

Денар: Вие бевте директор и член на управниот одбор на Асоцијацијата на хотелиери на Сплит и Далмација. Која беше вашата стратегија за промоција и развој на тирузмот во Хрватска и вашиот регион?

Во 2008 започнав разговори со сопствениците и генералните директори на најголемите хотели од висок ранг во Сплит и централна Далмација (Bluesun Hotels & Resorts, Le Meridien Lav Split и Radisson Blu Resort Split) како и другите релевантни засегнати страни (Градот Сплит и Сплитскиот Аеродром) бидејки тие беа заинтересирани со заеднички сили да се ангажираат за продолжување на туристичката сезона во регионот. За таа цел формиравме бизнис клуб во форма на асоцијација која спроведе активности за заедничка промоција и развој на дестинацијата, со фокус на развојот на туристички производи за пролетната и есенската сезона (кратки одмори, конференции и настани).  Мојата главна одговорност беше да ги водам преговорите со избрани авио компании (Croatia Airlines, easyJet, Vueling) за да ја продолжат сезоната на летови на постојните рути со фокус на Лондон, Париз и Минхен, како и за воведување на нови рути како оние од Барселона и Мадрид. Преговорите беа долги и тешки, но целосно земено успешни бидејки на крајот како резултат добивме проширување на мрежата на летови и зголемување на бројот на патници на сплитскиот аеродром, кои останаа на тоа ниво до денес. Спроведовме и промотивни активности како заедничка промоција на избрани туристички саеми, заднички каталог на хотели, заедничка интернет страна, заеднички информативен центар на сплитскиот аеродром и слично. Откако ја постигнавме главната стратегиска цел поврзана со сезоната на летови ја затворивме асоцијацијата и во последните неколку години Градот Сплит се “продава себеси” благодарение на интензивната активност на европските авио компании, интернет порталите и различните организатори на патувања.

 

Денар: Дали интернетот и социјалните медиуми се дел од Вашите стратегии, во МарКон и во асоцијацијата? Дали мислите дека тие може да помогнат во промоцијата на туризамот?

Интернетот и социјалните медиуми не се дел од мојата бизнис стратегија, бидејки последните десет години колку што работам самостојно, ги добивав проектите со препораки, т.е. благодарение на препораки од моите клиенти и партнерските фирми, што е и вообичаена пракса за овој тип на работа. Но, додека ја водев асоцијацијата, интернетот го користевме до одредено ниво за промоција на хотелите кои беа наши членови, иако нашите главни активности беа фокусирани на тоа што го спомнав погоре.  Кога зборуваме општо за хотелската индустрија, интернетот и социјалните медиуми стануваат најважната алатка која хотелите ја користат за да ги промовираат и продадат своите понуди, и алатка која разните туристички организации ја користат за промоција на нивните туристички дестинации.  Употребата на интернетот и социјалните медиуми во последниве години станува се почеста, посебно помеѓу туристите од САД, Обединетото Кралство, Бенелукс и Скандинавските земји.  Овој тренд веќе го зафаќа целиот свет и сите хотели и фирми кои нудат туристички услуги се прилагодуваат на него.  Но, сеуште постојат некои луксузни “boutique” хотели кои се насочени кон посебен сегмент на пазарот и кои главно користат традиционални маркетинг методи како директна промоција преку препораки, лични писма и магазини и тие постигнуваат прилично добри резултати.  Во хотелската индустрија, изборот на маркетинг методи зависи од маркетинг концептот и биснис стратегијата која сопствениците и менаџерите ќе ја применуваат за придобивање на нивните клиенти.  Повеќето од нив на крај ќе почнат да ги користат модерните маркетинг  техники подржани од интернетот бидејки глобалните портали како www. Booking.com полека стануваат посилни од традиционалните тур-оператори и другите туристички организации.

 

Денар: Дали гледате туристички потенцијал во Македонија? Што ќе биде најатрактивно и најлесно да се продаде од туристичкиот потенцијал на Македонија?

Не знам точно колкав туристички потенцијал има Македонија, бидејки за да се одговори точно на ова прашање претходно ќе треба да се анализира целата туристичка индустрија и нејзините клучни засегнати страни. Сепак, без оглед на својот туристички потенцијал, Македонија има одредени природни, културни, социјални и други ресурси кои треба да се искористат за да се создадат конкурентни туристички производи. Кога јас би бил “сопственик” на македонската туристичка индустрија, прво би го подобрил и продал тоа што го имам, за да ја зајакнам мојата позиција на домашниот пазар и на пазарите во Југоисточна Европа, како што се Словенија, Хрватска,Србија,Грција и Турција, и би се обидел да привлечам туристи од некои од најзначајните европски пазари како што се Велика Британија и Германија. Дури откако ќе се оптимизира моменталната состојба во туризмот, би започнал нови (гринфилд) проекти и во зависност од нивниот концепт и нивната цел би работел на зацврстување на мојата позиција на другите европски пазари а можеби би работел и на привлекување на пазарите од прекуокеанските земји.

maa

Денар: Кои се вашите изгледи за глобалниот туризам во наредните години? Како нашиот регион ќе се натпреварува со остатокот од светот за да привлече туристи?

Оваа година околу 1,2 милијарди странски туристи патувале низ светот и оваа бројка се очекува да се зголеми за 50 отсто до 2030 година достигнувајки околу 1,8 милијарди странски туристи. Овој глобален тренд ќе биде од корист за речиси сите земји во светот, без оглед на нивното ниво на развоj и нивните напори за развој и маркетинг, бидејки некои луѓе едноставно ќе дојдат кај вас, така што секоја земја може да смета на барем некоја минимална стапка на раст. Туризмот во овој регион, главно е концентриран во Хрватска, каде се евидентирани приближно 70 проценти од сите ноќевања  во целиот простор на поранешна Југославија. Хрватска станува се поконкурентна во големиот Медитерански простор, но сеуште не се искористени сите можности за развој, така што сум убеден дека туристичките бројки ќе се зголемат за 50 проценти во текот на следните 15 години. Преостанатиот дел од регионалниот туризам е поделен на шест други земји, од кои Босна и Херцеговина, Косово и Македонија имаат најслаби туристички резултати. Овие земји сеуште е потребно да се позиционираат на пазарот преку развивање на конкурентни туристички производи и создавање на подобра слика во однос на тоа што ја имаат денес, што се должи и на политичките превирања низ која поминуваат во последниве 25 години. За разлика од Словенија, која го има достигнато својот потенцијал за развој и Хрватска која ќе продолжи со нејзиниот раст, како што веќе напоменав претходно, гледам голем потенцијал за развој на подрачјето на поранешна Југославија за дестинации како што се градовите Белград и Сараево, како и дестинации за рекреација како што се Црногорскиот брег и Охридското езеро.

 

Денар: Како говорник на Македонскиот Економски Самит 2015 во Скопје, каков совет би им дале на македонските туристички претприемачи? А каков совет на Македонската Туристичка Асоцијација и Министерството задолжено за туризам?

Ќе им ги дадам следниве совети на Македонските туристички претприемачи: Имплементирајте ги интернационалните стандарди за развој и управување со вашиот бизнис, силно фокусирајте се на бизнисот кој го имате како да е единствен кој ќе ви “даде леб” на вас и вашите вработени, обрнувајки внимание на секој детал, и здружете ги напорите со другите претприемачи да креирате “поголема туристичка торта”, која ќе ја делите во иднина. И на крај ќе им дадам совет на Македонските министерства и организации одговорни за туризам:  Дефинирајте едноставена, но конкурентна стратегија со конкретни и практични цели за развој и промоција на туризмот, прилагодете ја целокупната институционална рамка за поддршка на домашните и привлекување на странските туристички инвеститори, и органски обезбедете раст на туризмот преку примена на принципите на одржлив развој на туризмот и вклучување на локалните заедници, бидејки крајна цел на сето ова е да се создаде благосостојба за македонската економија и нејзиното население.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП