23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрајановски оствари средба со делегација на градот Маниса

Трајановски оствари средба со делегација на градот Маниса

manisa 333

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска оствари средба со делегација од збратимениот град Маниса, Република Турција.

Делегацијата од градот Маниса, која е во повеќедневен престој во Скопје, беше составена од пет членови на Советот на Град Маниса, претставници од амбасадата на Турција во Македонија, како и претставници на градската администрација, предводена од асистентот на генералниот секретар на Маниса, Фуат Узун.

Градоначалникот Трајановски ги поздрави гостите и им пожели убав престој во Скопје. На средбата Трајановски упати поздрав до градоначалникот на Маниса, Џенгиз Ергун, како и покана за да го посети Скопје.

На средбата се разговараше за одличната соработка помеѓу двата града во областа на културата, како и потребата за продлабочување на истата во други области, како што се економската и трговската соработка.

Претставниците од Маниса му се заблагодарија на Трајановски за приемот и гостопримливоста, притоа пренесувајќи ги поздравите од градоначалникот Ергун и упатувајќи покана до Трајановски да ја посети Маниса за време на традиционалниот Месир фестивал.

Годинава се навршуваат 30 години од збратимувањето на Скопје и на Маниса. Во овој период постои голема соработка во областа на културата, каде што се реализирани голем број гостувања на фолклорни групи од двата града. Во 2009 година, во рамките на Месир фестивалот беа организирани денови на Скопје и Македонија во Маниса, каде што пред присутните е организирана дегустација на традиционална македонска храна и вино, како и настап на НУКД „Танец“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП