20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГермански Technical textiles отвори фабрика во Штип

Германски Technical textiles отвори фабрика во Штип

 

fab stip 033

Германската компанија Technical textiles денеска во Штип отвори нова фабрика, во која ќе се произведуваат компоненти од фиберглас, кои ќе се произведуваат во градежната, авионската и автомобилската индустрија.

Во фабрика, чија инвестицијата изнесува околу 15 милиони евра, веќе работат 100 лица, а во наредниот период  се очекува бројот на вработени да достигне 1.000.

Фабриката беше свечено отворена од страна на премиерот Никола Груевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и сопственикот на Technical textiles Јенс Вендланд.

Притоа Груевски оцени дека новите вработувања ќе бидат од големо значење за општините Штип, Кочани, Велес, Свети Николе, Карбинци, Лозово, Конче и Чешиново-Облешево.

„Ова е втората фабрика во оваа ТИРЗ. „Џонсон контролс“ веќе неколку години работи во зоната, а сега почнува да работи и Technical textiles, а наскоро и италијанската компанија „Кондево“ која ќе започне со својата инвестиција и ќе отвори 250 нови работи места. Тоа се одлични раздвижувања за штипскиот регион. Локалната економија веќе ги чувствува влијанијата на новите инвестиции. Пред неколку месеци се отвори и новата фабрика на „Актива“. Оваа фабрика е во директна врска со белгиската инвестиција на „Ван Хол“ која успеавме да ја привлечеме во изминатите години. Веднаш до новата фабрика на „Актива“ во наредниот период очекуваме изградба на уште една фабрика, овој пат на германската компанија „Семак Фешн“ која во таа зона има купено земјиште од околу 35.000 метри квадратни“ рече Груевски.

Тој нагласи дека Штип некогаш беше град во кој фабриките се затвораа, а денес трендот е обратен.

„ Штипскиот регион е претворен во едно големо градилиште. Се градат голем број објекти, се отвораат фабрики, луѓето се вработуваат, процентот на невработеност полека, но сигурно се спушта надолу, а сето тоа влијае за подобар и поквалитетен живот на граѓаните. Тоа е голема сатисфакција за нашата досегашна работа“, рече Груевски.

Тој истакна дека Владата продолжува со инвестициите низ Македонија и продолжуваат напорите за подобрување на бизнис климата во државата.

„ Нашите досегашни резултати се добро познати и видливи во цела Македонија. За тоа говорат и самите инвеститори. За тоа е сведок и господинот Вендланд кој во периодот на потрага по локација за својот нов деловен потфат, се откажал од Абу Даби и дојде во Македонија каде што наиде на пријателски расположена влада, добри услови за инвестирање, брзи процедури за старт на инвестицијата и резултатот е оваа фабрика“, рече Груевски.

Сопствениот на Technical textiles Јенс Вендланд, истакна дека во новата фабрика покрај стоте вработени кои што во моментов работат, планирано е до крајот на годината бројот на вработените да достигне 300 лица.

„Јас во месец мај минатата година бев во авион кон Абу Даби за да потпишам договор за изградба на нова производствена хала, односно токму оваа во која сега се наоѓаме, а требаше да биде изградена во Абу Даби. Тогаш во еден светски економски магазин прочитав мал прилог за Македонија. Се нудеа добри можности за инвестирање. Затоа веднаш решив да го сменам авионот и да заминам за Македонија за да се информирам подетално за инвестирање во вашата земја. Имаше и други земји во кои се нудеа и можевме да добиеме субвенции од Европската унија, односно други големи финансиски поддршки. Тоа во Македонија беше можно само во ограничени рамки, но Македонија покрај другото нуди многу мотивирани работници, голем потенцијал на соработници, многу силна општинска и државна поддршка и многу други работи. Токму ова ја направи локацијата Македонија за нас многу интересна, па оттука тука ние преку Германско-македонско стопанско здружение стапивме во контакт со г. Мизо, а тој со својот тим ни дадоа многу детални информации за можностите за отворање на производствен погон во слободните индустриски зони“, рече Вендланд.

Тој информираше дека новата фабрика е изградена во рок од 14 месеци. Во моментот има околу стотина вработени, а до крајот и почетокот на идната година ќе има околу 300 вработени.

„Доколку целата инвестиција се движи во позитивна насока, како што очекуваме, спремни сме бројот на вработени да го зголемиме со можност бројот во следните години да се искачи и до илјада вработени, како и да направиме други инвестиции во други проекти во Република Македонија. Нашиот делокруг на работа се состои во производство на технички текстил од фиберглас влакна, кој често се користи во повеќе области како фасадната изолација за ветерници, бродската индустрија и други сектори“, рече Вендланд.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо истакна дека новата фабрика Technical textiles во Штип е изградена на површина од 13.000 метри квадратни во која се инвестирани околу 15 милиони евра, а освен креирањето на работни места, како што рече Мизо, изградбата на фабриката ќе придонесе и за влез на нови технологии, трансфер на знаења, воспоставување на соработка со домашните компании, како и за зголемување на извозот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП