29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦената на нафтата падна бидејќи OPEC нема да го намали производството

Цената на нафтата падна бидејќи OPEC нема да го намали производството

nafta 02

Цената на нафтата забележа пад на светските берзи поради и натаму присутната загриженост од преголемата понуда откако челникот на OPEC објави дека нафтениот картел не размислува за намалување на производството.

Цената на барел сирова нафта на лондонската берза падна за 70 центи, на 52,61 долар, а на американската берза за 90 центи, на 47,62 долари.

Генералниот секретар на Организацијата држави извознички на нафта (OPEC), Абдулах ал-Бадри рече во четвртокот во Москва дека растот на побарувачката ќе спречи натамошен пад на цената на нафтата и сугерираше дека евентуалното намалување на производството на OPEC би имало мало влијание на берзата.

Членките на OPEC произведуваа во вториот квартал околу 31,25 милиони барели дневно нафта, што е околу 3 милиони повеќе од дневната побарувачка, покажа истражувањето на Reuters. Вишокот на нафта ги зголеми залихите ширум светот, полнејќи ги складиштата од Кина до Чиле, што остро ја намали цената.

Овонеделните податоци од САД покажаа дека вкупните залихи на американската сирова нафта достигнаа историски високо ниво трета недела по ред, од 1,969 милијарди барели. Се вкупно, американските залихи за 145 милиони барели се поголеми  во однос на претходната година.

Аналитичарот на Commerzbank Еуген Вајнберг рече дека OPEC ќе мора на крајот да го намали производството, доколку сака да избегне значително пониски цени на нафтата.

„Се надеваме исто така дека OPEC на состанокот во декември ќе се сложи на построга дисциплина поврзано со квотите“, рече Вајнберг.

Инвеститорите очекуваат во текот на денот да бидат објавени податоците за вработеноста.

Одделно OPEC објави дека цената на барел референтна кошничка негова нафта во четвртокот изнесувала 51,45 долари, што значи дека пораснала за 63 центи во однос на претходниот ден.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП