25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПочна изградбата на скопскиот Flatiron во Кисела Вода

Почна изградбата на скопскиот Flatiron во Кисела Вода

flatiron-riooororoor

На влезот од скопската населба Кисела Вода за помалку од две години треба да никне, во петок почнатата зграда „Адора Flatiron Скопје“, многу слична на познатата њујоршка зграда Flatiron.

Новиот станбено – деловен објект ќе се гради на местото на сапунарницата „Цветан Димов“, која подолг период беше запуштена и го грдеше влезот на општината.

„Реализацијата на овој проект на „Адора инженеринг“ вреден 20 милиони евра е најголема домашна инвестиција во високоградбата во Македонија, со економски обрт од повеќе од 40 милиони евра во двете насоки. Зградата се планира да се изгради за 24 месеци со ангажман на 350 градежни работници, македонски неимари, високостручни кадри, подизведувачи, кооперанти и добавувачи“, рече Ванчо Чифлиганец, директор на Адора инженеринг.

Тој додаде дека одлучил да гради ваков објект затоа што во далечната 1989 година прв пат бил во Њујорк, и се фотографирал токму пред зградата Flatiron, триаголнеста зграда со облик на пегла, која го фасцинирала.

„Кога почнав во својата кариера да се занимавам и со градежништво, имав желба тоа да го направам. Можеби понекогаш фантазиите и соништата сами по себе доаѓаат“, рече Чифлиганец.

Елитниот комплекс ќе се гради на влезот во Кисела Вода, познат како Стара Рампа, на само еден километар од центарот на градот.

Зградата е со висина од 54 метри, ќе има 16 ката, три влеза и седум лифтови. Во неа ќе има 279 станови со површина од 31 до 119 м2 и луксузен апартман на врвот од 260 м2, со фантастичен поглед на Скопје, на порта „Македонија“ и градскиот плоштад.

Во приземјето и мезанинот ќе има 29 деловни простории со површина од 45 до 1.770 м2. Објектот има 350 сопствени паркиралишта, најголемиот дел на три подземни нивоа.
Објектот се гради на површина од 4.412 м2, купени за речиси 3.000.000 евра, а во зградата ќе бидт вградени 25.000 м3 бетон и 2.500 тони железо.

Објектот ќе ја има потребната асеизмичка стабилност, стандардизиран европски квалитет, А-енергетска класа, а ќе понуди одлични услови за домување.

Цената на становите во зависност од условите ќе се движи од 1.100 до 1.250 евра за метар квадратен.

„Уште еднаш се покажува дека во градот Скопје и во Македонија има добра клима за инвестирање и македонски компании како „Адора инженеринг “ кои најдоа свој интерес и се еден од големите инвеститори во градот Скопје. Ние како град Скопје, јас како градоначалник максимално ги поддржуваме инвеститорите, во решавањето на сите проблеми коишто можат да им настанат во реализирањето на нивните проекти којшто се во надлежност на градот Скопје, а и да не се, ние помагаме и во институциите за да може тоа што побрзо да се реши и нинвите објекти коишто тие ги градат да бидат што побрзо изградени“, рече градоначлникот на Скопје, Коце Трајановски.

Чифлиганец најави дека првите станари во зградата најверојатно ќе можат да се вселат кон крајот на 2016 година,а зградата целосно ќе биде завршена за две години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП