Цената на нафтата порасна денес на светските берзи по објавата на податоци за поголемо од очекувано намалување на американските залихи на сирова нафта и гас во измината недела и за намалување на производството на нафта.
Цената на барел сирова нафта на лондонската берза порасна за 80 центи на 54,18 долари, а на американската берза за 30 центи, на 49,09 долари.
Американските залихи на сирова нафта паднаа во претходната недела за 4,2 милиони барели, додека аналитичарите очекуваа дека ќе падне за 184.000 барели, покажаа во средата податоците на американската влада (EIA).
Залихите на бензин се намалија за 363.000 барели, наспроти очекувањата на аналитичарите дека ќе пораснат за 512.000.
Американското производство на сирова нафта падна во минатата недела за 145.000 барели, на 9,413 милиони барели, објави EIA.
Сепак, растот на цените беше ограничен поради јакнењето на курсот на доларот, што го направи горивото поскапо за оние кои поседуваат други валути.
„Американските податоци за залихите и даваат поддршка на цената, но силата на доларот го кочи пазарот“, оценува Карстен Фрич, виш аналитичар во Commerzbank.