16 април, 2024
ПочетнаНАЈНОВИ ВЕСТИMicrosoft го лансира Windows 10

Microsoft го лансира Windows 10

win 10

Новиот оперативен систем Windows 10 на американскиот информатички гигант Microsoft ќе биде претставен утре, со што овој водечки светски производител на софтвер ќе се обиде да заземе нова улога во светот во кој луѓето сé повеќе се потпираат на паметните телефони, таблети и информациите зачувани на интернет.

Од 29-ти јули оперативниот систем Windows 10 ќе биде достапен во 190 земји во текот на следните дванаесет месеци, како бесплатна надградба за корисниците на претходните два оперативни системи на Microsoft – Windows 7 и Windows 8.1, се наведува во соопштението на компанијата во кое се истакнува дека преминувањето на најновиот оперативен систем ќе биде слободно.

По надградбата до Windows 10, Microsoft ќе продолжи со поддршката на оперативниот систем до крајот од функционирањето на дадениот уред на кој ќе биде инсталиран. Претставници на компанијата, исто така, појаснија дека во следните неколку седмици корисниците ќе можат да резервираа бесплатна копија од Windows 10.

Како што неодамна изјави извршниот потпретседател на Microsoft, Тери Мејерсон, со лансирањето на овој оперативен систем компанија започнува со „претворање во реалност“ на концептот за персоналните компјутер, кој е базиран на „одговорен пристап во заштитата податоците и неприкосновеноста на личните информации“. Исто така, ќе претставува „континуитет на функциите на секој уред и максимално задоволство за корисниците во користењето на системот кој вклучува гласовна контрола, влез на допир, зачувување белешки, како и алатки за креирање холографски слики“.

Првично новата верзија на Windows ќе биде достапна за компјутери и таблети, а подоцна пред крајот на годинава ќе биде лансирана и верзијата Windows 10 за други преносни уреди.

Од Microsoft појаснија дека Windows 10 ќе биде заеднички ажуриран со пакетот Office 2016, до новите верзии за Word, Excel, PowerPoint, OneNote и Outlook. Неговата основна карактеристика е континуитетот во функционирањето и контролата преку допир на секој персонален компјутер или мобилен уред.

Во компанијата не очекуваат дека Windows 10 ќе биде преку ноќ прифатен од корисниците, како што тоа беше случајот пред две децении со Windows 95. Меѓутоа, во Microsoft сметаат дека во следните месеци стотици милиони луѓе бесплатно ќе го преземат нивниот најнов оперативен систем.

Објавувањето на Windows 10 ќе биде проследено со глобална маркетиншка кампања, за која се смета дека ќе биде клучен настан за неговата иднина и за огромниот број корисници на компјутери низ светот.

Оперативниот систем Windows 10 прво ќе биде достапен за компјутери и таблети, но исто така е осмислен и за паметни телефони, играчки конзоли, па дури и за холографските очила. Има нови карактеристики, помодерен интернет пребарувач наречен Edge и десктоп верзијата Cortana, интернетски асистент кој претставува одговор на Microsoft на Now на Google и Siri на Apple.

Компанијата, меѓу другото, истакнува дека Windows 10 ќе им биде лесно прифатлив на корисниците на Windows 7, оперативниот систем кој беше лансиран пред шест години и кој се користи и натаму на најголем број компјутери во светот.

На специјализираните блогови се истакнува дека и Microsoft и производителите на компјутери со ова сакаат да го истиснат сеќавањето на последното големо ажурирање на Windows од 2012 година, со оперативниот систем Windows 8, кој многу корисници го критикуваа поради „тромиот“ дизајн. Во Microsoft дури и го прескокнаа називот Windows 9, во желбата што повеќе да се дистанцираат од последната верзија на својот оперативен систем.

Иако многу аналитичари сметаат дека Windows 8 дополнително ја влошил продажбата на лични компјутери, засега не е јасно дали Windows 10 ќе успее повторно да го поттикне растот на оваа индустрија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП