25 април, 2024
ПочетнаЛУКСУЗ И ПАТУВАЊЕРепортажа: На одмор во Дебар

Репортажа: На одмор во Дебар

daa

Можеби од прво читање ќе ви се види смешен насловот за да го поминете својот годишен одмор во Дебар, но ако сте вљубеник во пронаоѓање на неоткриени бисери во Макединија или ако сакате да споите вода со планина, на вистинското место сте.

Градот под Крчин, како што го нарекуваат Дебар, се наоѓа во југозападна Македонија на вливот на реката Радика во Црн Дрим, блиску македонско – албанската граница. Градот се наоѓа на 50 километри од Маврово и 50 километри од Струга. Од Драч-република Албанија (ако се направи новиот пат од албанска страна) ќе биде оддалечен нешто повеќе од 100 км. Во Дебар се уште се чувствува влијанието (преку Црние Дрим) на средоземноморската клима.

Дебар, за прв пат како географски поим, односно како населено место по Христа е забележан во мапите на Клавдиј Птоломеј (87 – 150 г.н.е), односно во II век од н.е, запишан под името Деборус (Deborus) приближно лоциран на неговата денешна местоположба. Низ вековите градот и целиот регион бележи успони и падови.

Интересно е дека Дебар се поврзува и со патот Via Ignatia. Патот Via Ignatia минувал од Драч, низ Елбасан, Струга, Охрид, Битола, Солун, областа Тракија, Едерне и Цариград. Имало споредни кракови кој се врзувале со главниот пат.  Низ Дебар не поминувал главниот пат, туку некои споредни кракови од патот, што во секој случај укажува на важноста што ја имал Дебар во минатото и на тоа дека тука поминале многу цивилизации.

Доколку се решите да дојдете во Дебар од правец на Скопје или од правец на Струга ќе поминете низ преубава живописна природа на клисурите на река Радика (од Скопје) и река Црни Дрим (од Струга). Ќе видите секакви живописни слики кои мајката природа ги направила, така што ќе посакате да застанувате на неколку километри и да ги “плакнете” очите со убавина и да ги полните градите со чист воздух.

Пред влезот во Дебар (од двете страни) има заобиколен пат околу Дебар.Тој пат  ќе ве одведе директно до плажите на Дебарското Езеро (вештачко езеро – хидроелектрична акумулација). Иако има километри плажи, урбанизиран е само мал дел од крајбрежјето. Под урбанизиран, мислам на тоа дека покрај водата има угостителски локали кои ги имаат средено плажите пред нив (исчистени и со чадори за сонце). Водата е пријатна и релативно чиста. Можете да си одберете чадор бесплатно (лежалки нема) и воедно да си порачате пијалок од локалите кој ќе ви го донесат на плажа без никаква екстра доплата. Цените се поволни, така на пример мало пиво е 60 до 70 денари, кафе од 30 до 70 денари и слично. Воедно цело време се слуша современа музика од локалите и тоа музика од разни јазици. Доколку пак ви здосади од лежење под чадор можете да отидете во локалите и да си нарачате за ручек скара, риба, помфрит, сендвичи и слично. Пак ќе повторам, сето тоа за релативно поволни цени.

daa

Немојте да се изненадите ако на плажа чуете дека се зборува на англиски јазик. Тоа е поради тоа дека има многу иселеници од Дебар кои живеат во САД, а најмногу ги има во Њу Јорк и кои скоро секоја година се враќаат со своите семејства во Дебар на одмор или ги врзуваат свадбите на фамилијата, па спојуваат убаво со корисно.

dbb

На плажите можете да најдете повозрасни луѓе кои доаѓаат со своите внуци, средовечни луѓе, но во главно таму има млади момчиња и девојчиња од 16 до 30 години.

Дебар е во подножјето на планината Дешат (врвот Крчин), а од другата страна на езерото е планината Стогово, па вечерите во Дебар се пријатни и може човек убаво да се одмори.

Како и што знаете овој крај е печалбарски и најголем број од луѓето имаат станови или семејни куќи каде што доаѓаат летно време. Од сместувачки капацитети во Дебар се хотелите Венец (Сопственост на Дебарски Бањи – Цапа) и Леон (на влезот во Дебар од страната на Скопје). Има хотели во село Косоврасти – хотел Термал и во село Бањишта (на македонско-албанска граница) – хотел Бањишта кои се во сопственост на Дебарски бањи – Цапа. Ако се помачите би можеле да најдете и сместување по приватни куќи и станови.

Во Дебар можете да споите и езеро и минерални бањи. Дебарските Бањи се препорачуваат за лекување на различни болести: заболувања на локомоторен апарат; заболувања на нервниот систем; заболувања на гастро-интестиналниот систем; заболувања на респираторниот систем; заболувања на уро-гентиналниот систем; ендокрини заболувања; ортопедски заболувања и состојби после трауми; кожни заболувања. Лекувањето се врши со различни терапии: хидритерапија, фанготерапија, кинезотерапија, електротерапија, фототерапија, кинезитерапија, масажа, сауна, воздушна терапија.

dcc

Во близина на Дебар е и подземниот коп (подземен рудник кој под концесија го има Кнауф-Радика) кој се наоѓа под регионалниот пат Маврово – Дебар, кај село Рајчица каде гипсот е во форма на кристали.

dee

Дебарска кристална палата

Термалната вода, која е во близина, влијаела да се формира оваа цврста и чиста форма на кристал. Во гипсените наслаги нема многу јаловина и од таму се вадат чисти и големи парчиња и до 10м.

За тоа дека гипс се ископувал во Дебар уште пред новата ера, сведочи и тоа дека гипсени кристали се најдени при откривањето на пирамидите во Египет. Се претпоставува дека пронајдените кристали се од Дебар, поради тоа што гипс со таква чистота и кристална форма има само на две места во светот. Едно е Дебар, а второто е во Мексико. Америка не била откриена во време на фараоните, а и условите во рудникот во Мексико, каде влажноста на воздухот е околу 60%, го прави процесот на експлоатација многу тежок и сигурно не можел да се експлоатира во праисторијата.

Рудникот навистина има потенцијал да стане своевидна туристичка атракција. Реализацијата не би била тешка, тука веќе има добри услови за поголеми посети. Нема потреба од безбедносни греди во рудникот- самиот кристал е толку заплеткан во мрежа, што самиот по себе формира природна целина погодна за посета. Не постојат опасни гасови и досега никогаш немало инциденти. Со поставување на амбиентални светла во интересни бои, а и со примена на неколку други интересни идеи, овој рудник може да стане голема туристичка  атракција не само за Македонија, туку и пошироко за овој дел од Европа.

Се разбира, за сите кои го посетуваат овој крај, ви препорачуваме обврзно да се посети манастирот Св. Ѓорѓија Победоносец сместен во село Рајчица на само 2 километри од градот. Таму се чуваат дел од моштите на Свети Ѓорѓија, има прекрасна архитектура и поглед на Дебарското езеро, а секогаш пријатните монахињи ќе ве понудат со кафе и чај.

dff

dgg

Манастир Свети Ѓорѓија Победоносец

Во Дебар може да планинарите, да уживате во природните убавини на двете реки кои го полнат Дебарското Езеро, а и во градот има убави ресторани каде има вкусна храна, има и куќи со карактеристична архитектура позната како Дебарска куќа.

Недостаток е дека плажите се уште изгледаат диво, но тоа е можеби поради тоа што нивото на водата на езерото поради производство на електрична енергија и недостаток на врнежи, особено летно време, опаѓа па не може да се инвестира во тобогани или слични забавни форми за овој тип на туризам. Хигиената во градот е на многу ниско ниво, а и нема туристичко биро или место каде да се обратите и да можете организирано да ги посетите сите атрактивни места во овој крај кој е богат и со историја (за тоа некој друг пат) и со природни убавини туку се е препуштено на индивидуални напори. Воедно да споменам дека нема никаква понуда за културни настани и манифестации.

Верувајте има уште многу да се каже за Дебар и Мијачко-Раканскиот крај. Се надевам дека ако не биде Дебар ваш избор за годишен одмор, овој текст ќе биде провокација да го посетите и уживате.

dll

 

Репортажа:

Раде Чоловиќ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП