25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛондон ќе се заштитува, Љубљана без коментари по грчкото „не“

Лондон ќе се заштитува, Љубљана без коментари по грчкото „не“

evro gori grcka

Британската влада ќе стори „сé што е потребно за заштита“ на својата економија по грчкото одбивање на предлогот на доверителите и предизвикување на криза во еврозоната, соопшти кабинетот на премиерот Дејвид Камерон, додека словенечките политичари се воздржани, а тамошните медиуми се главно песимистични во врска со натамошниот развој на ситуацијата.

„Грчкиот народ го изрази своето мислење на референдумот. Тоа е критичен момент во грчката економска криза“, напиша портпаролот на британскиот премиер Дејвид Камерон во соопштението што го пренесува AFP, откако Грците во неделата со 61,31 отсто рекоа „не“ на мерките за заштеда во замена за продолжување на надворешната финансиска помош на оваа презадолжена членка на еврозоната.

„Продолжуваме да преземаме сé што е неопходно за заштита на нашата економска сигурност во овој период на несигурност. Веќе имаме подготвени итни планови, а подоцна премиерот ќе претседава со вториот состанок за да ги разгледа тие планови во светлината на резултатите“, се додава во сопштението.

Велика Британија не е дел од еврозоната, но нејзината економија е многу чувствителна на ситуациите кои доаѓаат од соседите од еврозоната.

Во Словенија претходно беше прогнозирано дека доколку Грција банкротира и излезе од еврозоната, земјата би можела да загуби 1,8 милијарди евра. Имено Словенија на Грција преку двата механизма за стабилизација на еврото досега и позајмила 263,69 милиони евра и издала уште 1,55 милијарди евра во гаранции. Тоа претставува четвртина од словенечките годишни буџетски приходи, а Грција вратила досега само 17,6 милиони евра по камати.

Премиерот Миро Церар и министерот за финансии Душан Мрамор, кои многу негативно се изразија за распишувањето на референдумот како недоговорен потег на грчкиот премиер Алексис Ципрас, во понеделникот одбија да ги коментираат резултатите од референдумот. Меѓутоа, коментарите во словенечките медиуми се негативни, како поради потенцијалните последици за еврозоната, така и поради можното поскапување на цената на задолжувањето на Словенија, поради растот на каматите на нејзините обврзници.

Познатиот словенечки економист Мојмир Мрак изјави дека, сепак, очекува дека ќе има продолжување на разговорите меѓу доверителите и Грција, но дека нема да има брзо решение, како и дека повеќе нема теми за разговор, доколку и двете страни бидат зацементирани на своите позиции како досега.

Словенечките аналитичари наведуваат дека оставката на грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис бил „чесен потег“, кој на Грција ѝ отвора нов простор за преговори, но дека многу нешта ќе зависат од потезите на Европската централна банка (ЕЦБ) следните неколку дена. Се оценува дека одлуката по грчкото барање да се реструктуираат долговите е многу проблематична, како и дека Словенија тешко ќе се согласи да отпише дел од грчките обврски кон неа.

Доколку конечниот резултат би бил излегување од еврозоната на Грција, тогаш најголеми губитници би биле самите Грци чијашто вредност на сопственостите и платите драстично би се намалиле, сметаат некои од водечките словенечки економисти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП