29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБарселона: „Туристи одете си дома“

Барселона: „Туристи одете си дома“

barselona 003

Туризмот е еден од највносните бизниси во Барселона, вториот по големина шпански град, но 27 милиони туристи кои секоја година ја посетуваат каталонската престолнина и задаваат главоболки на новоизбраната градоначалничка, која се бори средоземноморската порта да ја сочува да не стане тематски парк.

„Туристи одете си дома“ често може да се забележи дека е испишано на ѕидовите низ центарот на градот, кој се бори со зголемениот број туристи, тренд што почна по одржувањето на Олимписките игри во 1992-ра година.

Градот, кој брои 1,6 милиони жители, сега е трет најпосетен град во Европа, по Лондон и Париз, според студијата објавена во 2013-та година од „Mastercard“, а туризмот носи 14 отсто од парите во градскиот буџет.

Проблемот со туристите особено е забележителен во лето, кога реки туристи се движат по Ла Рамбла, главната улица и сакаат да ги посетат зградите на модернистичкиот архитект Антони Гауди, додека на плажите нема место да се постеле една крпа.

„Барселона е на крстопат. Ако ништо не се преземе, за 30 до 40 години може да стане како Венеција, град кој е специјализиран за туризам“, вели Францеск Муњоз, професор по географија на Автономниот универзитет во Барселона, пишува AFP.

Зависноста од туризмот е веќе видлива во некои делови од градот, како улицата Рамбла која има три ленти за возила. Некогаш беше место каде се среќаваа локалните жители, а сега улицата е затрупана со туристи кои бараат да купат брза храна и сувенири.

„Ја губиме нашата суштина. Таму каде што некогаш имаше цвеќиња, сега има сувенири“, вели Каролина Палес, сопственичка на најстарата цвеќарница на Рамбла, основана од нејзината прабаба во 1888-ма година.

Пред нејзиниот дуќан има голем билборд кој виси од балконот на кој пишува: „Барселонци, вратете се на Рамбла“.

Продавачите на блискиот зелен пазар се жалат дека поради туристите, локалните жители не можат да дојдат и да ги напазарат потребните свежи продукти. Нема како да поминат низ метежот со своите торби.

Локалните власти, порано годинава, забранија влез на туристите во пазарот за време на шпицот.

„Туристичкиот бум е брз процес, само 25 години, а градот не можеше добро да го апсорбира. Ова генерира туризмофобија“, вели професорот по географија Францеск Паломек, кој од 2008-ма до 2013-та година работел на туристичкиот план на градот.

Сега, Ада Колау, активист против иселување, која од минатиот месец е нов градоначалник на Барсеолна, работи на план кој треба животот на локалните жители да го направи покомпатибилен со овој важен економски сектор, кој вработува 120.000 луѓе.

Нејзина прва мерка, е да престане издавањето лиценци за туристичко сместување на една година, додека се работи на нова стратегија за контрола на туризмот.

Но, оваа одлука спречува околу 30 проекти, од кои најголем е секако оној за познатата зграда „Агбар“, која треба да стане „Хајат“ хотел со пет ѕвезди, откако ја купи инвестицискиот фонд „Емин капитал“,  за 150 милиони евра, од каде планираат да ја пуштат во употреба во 2017-та година, а каде ќе се вработат 1.000 луѓе.

По суспензијата за лиценци, претседателот на „Емин капитал“, Жорди Бадиа предупреди: „Барселона е глобален модел кога станува збор за туризмот. Секој инвеститор сака да дојде овде, а се креира законска несигурност, со што тие ќе заминат на друго место“.

Во Барселона во моментот има 600 хотели, со 74.000 соби, како и 9.600 регистрирани туристички апартамни. Но, се претпоставува дека има уште 137.000 легла кои не се регистрирани, а се закупуваат преку интернет.

„Барселона е глобална туристичка икона. Но, ако проблемите продолжат може да ја извалкаат таа слика за градот, што секако, ќе влијае на туризмот“, вели професорот Паломек.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП